Бугарија прво прифатила договор за надминување на спорните точки за време на состанокот во Берлин организиран од германското МНР, но подоцна се повлекла.
Ова го тврди австрискиот новинар и дописник на националната ТВ ОРФ за Балканот, Кристијан Вершуц, кој го објави нон-пејперот на својата фејсбук-страница попладнево, пренесува Дојче веле.
Документот, кој се смета за необврзувачки, џентлменски договор меѓу двете страни во спорот, се состои од девет точки во кои се адресираат актуелните спорни точки меѓу Софија и Скопје.
Во првата точка се потврдува посветеноста на Бугарија, Северна Македонија и Германија на перспективата кон ЕУ на Западен Балкан и на зајакната регионална соработка.
Во втората точка Бугарија се согласува да дозволи одржување на меѓувладината конференција меѓу Северна Македонија и ЕУ во декември 2020.
Во третата точка С Македонија се согласува да им соопшти на земјите членки на ЕУ дека кусото државно име Северна Македонија „се однесува единствено на политичкиот ентитет Република Северна Македонија“.
Четвртата точка ѝ го дава на Бугарија правото, со унилатерална изјава како додаток на преговарачката рамка, да соопшти дека под македонски јазик го подразбира македонскиот јазик во согласност со Уставот на Република Северна Македонија. Германското претседателство ќе побара од Советот на ЕУ да ја земе предвид бугарската позиција.
Македонија е подготвена официјално да соопшти дека македонскиот јазик бил кодификуван во 1945 година.