Министерството за здравство потенцира дека сите вакцини се безбедни и ефикасни и апелира граѓаните масовно да се вакцинираат и да се придржуваат кон основните препораки за заштита од ковид-19
Ниту еден од заболените со делта-сојот не бил вакциниран против ковид-19, информира Министерството за здравство преку соопштение до јавноста.
„По направените анкети со пациентите утврдено е дека никој од нив не примил ниту една доза вакцина, односно ниту се вакцинирани, ниту ревакцинирани“,
велат од Министерството за здравство.
Од вкупниот број позитивни пациенти, кај кои е утврдено присуство на делта-сојот, само еден е во многу тешка состојба. Станува збор за пациент, кој како што велат од Министерството за здравство, 8-9 дена откако појавил смптоми на ковид 19, не отишол на лекар и бил во домашна изолација.
Во моментов се вршат епидемиолошки анкети на останати членови од семејството на двајца од хоспитализираните пациенти, кои живееле во заедница и постои ризик и кај нив да се утврди присуство на индијскииот (делта) сој на вирусот.
„Министерството за здравство апелира до граѓаните за што помасовна вакцинација, како и придржување кон основните препораки за заштита од ковид-19. Сите вакцини со кои располагаме се безбедни и ефикасни и се единствениот начин за заштита од ковид 19“,
додаваат од Министерството.