Нов случај на индискиот сој на коронавирусот е детектиран вчера кај пациент од Велес, потврди министерот за здравство Венко Филипче. Со тоа вкупниот број лабораториски потврдени случаи на делта-сојот во земјава изнесува четири, а во тек се испитувања за уште четири сомнителни. Ниту еден од заболените не бил вакциниран.
„Тие се лекуваат во Скопје, само еден е со потешка форма и е на респираторна машина, другите се со стабилна клиничка слика. Скринингот што се прави на тестовите на Институтот за јавно здравје и во МАНУ ја исклучува британската варијанта. Што значи дека секаде каде што скринингот ќе покаже дека не е британската варијанта, се прави испитување дали е индискиот сој“,
рече Филипче.
Филипче најави дека до крајот на денот ќе се знаат резултатите и за останатите четири сомнителни случаи дали станува збор за индискиот сој. Според досега познати информации, тие не се поврзани меѓу себе, но нема информации дали претходно патувале во странство.
„Во делот на клиничката слика сè уште немаме точни податоци дали има потешка клиничка слика како што имаше британскиот сој кога се појави. Има некои публикации коишто укажуваат дека нема. Сè уште е рано тоа да го потврдиме. И во однос на ефикасноста на вакцините дефинитивно штитат од потешката форма на болеста и од смрт,“
порача Филипче.
Првиот случај на индиската мутација во земјава беше регистриран пред еден месец кај патник од Ирак, кој десетина дена бил хоспитализиран во болница.
Филипче најави дека ќе следува и поорганизиран пристап во координација со земјите од соседството, а прашањето за ПЦР-тестови на границите повторно ќе се дискутира на состанок со Комисијата за заразни болести.