И покрај разликите околу пописот, Законот за јазиците, договорите со соседите, Николоски смета дека можна е коалиција со Алијанса и Алтернатива оти се партии позиционирани „десно од центарот“.
Допрва ќе се разговара каква ќе биде соработката за локалните избори, но Николоски се надева на коалиција за рушење на власта и порано
Можна е соработка со Алијанса за Албанците и Алтернатива за локалните избори, па и уште порано, кажа потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, во вечерашното гостување во емисијата „360 Степени“. Тој смета дека и покрај разликите за дел од темите кои поминаа во законодавниот дом, соработката е можна, оти имаат заедничка цел со овие партии од албанскиот блок.
„Би било неприродно за сè да имаме исти ставови, но она за што претпоставувам дека ќе се сложи и јавноста дека имаме заеднички став е приоритет број еден во државата. И во таа насока ја сум убеден дека во следниот период пред локалните избори ние ќе можеме да зборуваме за рушење на оваа власт и за ново парламентарно мнозинство кое треба да доведе до предвремени парламентарни избори, затоа што оваа што сега во имаме во Собранието е неодржливо. Власта има само еден пратеник повеќе од тоа што е потребно“,
рече Николоски.
Николоски вели дека сè уште не е прецизирано дали тоа би било предизборна коалиција пред локалните избори.
„Тоа се детали кои мислам дека ќе треба во следниот период да ги разговараме со нашите пријатели од Алијанса и од Алтернатива. Сите модалитети се отворени, јас не би исклучил ништо, но, што и да кажам сега ќе биде несериозно, затоа што не сме седнале материјално да разговараме“,
вели Николоски.
И покрај разликите, според него, две клучни работи ги поврзуваат овие партии.
„Прво, и Алијанса и Алтернатива се позиционираа десно од центарот, тие формално не се членки на Европската народна партија, само ВМРО-ДПМНЕ е членка од Македонија, но тоа е спектрумот во којшто се позиционираат. Тие првпат после една подамнешна соработка меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДПА, којашто тогаш беше силна, да на тој начин се направи една коалиција на идеолошки блиски партии. И второто, за мене можеби најзначајно, најсуштински, е тоа што имаме исти поглед за она што се случува во Македонија, пред сè во борбата со организираниот криминал и корупцијата“,
кажа Николоски.
Денеска во изјава за ТВ Сител и Арбен Таравари, градоначалник на Гостивар и генерален секретар на Алијансата за Албанците, не исклучува можност за коалицирање и со други партии, освен со Алтернатива, на годинашниве локални избори, ама, како што вели, сѐ уште нема одлука за тоа ниту, пак, се почнати разговори за соработка.