Прво, само Влада може да биде создавач на класифицирани информации или договор. Второ, Артан Груби не кажа од кој степен е доверливоста на таа информација бидејќи таква класификација нема и трето, кој е создавачот на таа класифицирана информација ако не може „Бехтел и Енка“. Владата самостојно не може да создаде класифицирана информација затоа што тоа е двостран договор, рече Николоски
„Бехтел и Енка“, согласно нашето законодавство, не може да биде создавач на класифицирани информации или договор, реагира потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, откако вицепремиерот Артан Груби вчера откри дека договорот за изградба на коридорите 8 и 10-д е класифициран и дека јавноста нема да го види. Според објаснувањето, „Бехтел и Енка“ барале тој да биде доверлив бидејќи имало ценовно чувствителни информации за нивниот бизнис и модел на работење.
„На Артан му објасниле, ама не му дообјасниле. Договорот, тој вели е класифициран затоа што побара другата страна да има деловна тајна, ама ‘Бехтел и Енка’ има побарано non disclosure agreement кој нема врска со класифицирање. Се класифицира државна тајна, воена тајна, набавка на тенкови, хеликоптери, противвоздушна одбрана, пушки, пиштоли итн., а овде таква работа нема“,
изјави Николоски во емисијата „Заспиј ако можеш“ на телевизија Алфа.
Тој посочи дека второто нешто каде што заглавил Артан Груби е тоа што странско работно лице, како што е во случајот „Бехтел и Енка“, согласно нашите закони, не може да биде создавач на класифицирани информации, односно класифициран договор.
„Само Влада може да биде создавач на класифицирани информации или договор. Второ, тој не кажа од кој степен е доверливоста на таа информација бидејќи таква класификација нема и трето, кој е создавачот на таа класифицирана информација ако не може ‘Бехтел и Енка’. Владата самостојно не може да создаде класифицирана информација затоа што тоа е двостран договор“,
рече Николоски.
Тој се повика на членот 21 од законот за класифицирани информации и јавно истакна дека пријавува прекршувања.
„Ако со класифицирана информација се прикрива пречекорување на овластување, злоупотреба на функцијата или некое друго незаконито дејствие, односно казниво дело, тогаш таквата информација нема да се смета за класифицирана. Став 2 од истиот член вели на лицата кои ќе ја пријават од ставот 1 од овој член до надлежен орган согласно законот на укажувачи им се гарантира заштита согласно закон. Е, па, еве јас, согласно закон за заштита на укажувачи, сакам јавно да пријавам дека ако сепак го имаат класифицирано договорот надвор од сите стандарди, јас пријавувам дека тоа го направиле заради тоа што има одредени прекршувања и се повикувам на член 21 став 1 и став 2 да бидам правно заштитен“,
изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Во однос на тоа зошто владата не отиде на опција да земе евтини кредити и грантови, Николоски истакна дека тоа е поради што европските банки не даваат пари на корумпирани влади бидејќи тоа е основната политика на овие три големи банки и даваат пари само во транспарентни процедури.
„На почеток кога власта зборуваше за овој проект пред 3 години, велеа дека проектот ќе дојде со финансирање, односно ќе го следат евтини кредити, а сега збор немаат кажано за таа работа, туку велат ќе се финансира од буџетот со скапи еврообврзници затоа што ниедна од сериозните европски банки не е спремна да даде кредит на проект кој мириса на злоупотреби и кој не е транспарентен“,
заклучи Николоски.