Нападите на милитантите во Газа во кои загинаа најмалку 200 луѓе, а стотици беа повредени се без преседан. Она што се случи денеска никогаш не е видено во Израел. Ќе се одмаздиме за овој црн ден, рече Нетанјаху во вечерашното обраќање
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вети дека ќе го победи Хамас, но и порача на земјата дека војната ќе потрае.
„Нападите на милитантите во Газа во кои загинаа најмалку 200 луѓе, а стотици беа повредени се без преседан. Она што се случи денеска никогаш не е видено во Израел. Ќе се одмаздиме за овој црн ден“,
рече Нетанјаху во телевизискиот говор од Канцеларијата за печат на владата на Израел, што го пренесе Ројтерс.
Тој рече дека милитантната група убила жени, деца и постари лица и дека е одговорна за состојбата на луѓето што ги заробила.
„Израел ќе се пресмета со секој што ќе им наштети“,
додаде тој.
Нетанјаху во говорот вели дека Израел ќе стигне до секое место каде се крие Хамас.
Во обраќањето Нетанјаху вети дека ќе ги искористи целите капацитети на одбранбените сили за да ги уништи објектите на Хамас во Појасот Газа.
Би-би-си објави дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги повикал опозициските лидери Јаир Лапид кој е поранешен премиер и Бени Ганц, поранешен министер за одбрана и началник на Генералштабот да формираат итна влада на национално единство по ненадејниот напад на Хамас врз земјата.
Нетанјаху ја дал понудата на денешниот состанок со Лапид и Ганц.
Лапид претходно објави дека му понудил на Нетанјаху формирање заедничка коалиција „која може да води тешка, комплицирана и долга војна“.
„Нема да се замарам со прашањето кој е виновен и зошто бевме изненадени. Заедно ќе се соочиме со нашиот непријател“,
изјави поранешниот центристички премиер Лапид на социјалната мрежа „Икс“.
Тој додаде „државата Израел е во војна“ и дека тоа нема да биде „лесна или кратка војна“, а зборуваше и за опасностите од војување на повеќе фронтови.
Нетанјаху знае дека не може „да води војна со нефункционален и екстремистички состав на владата“, нагласи Лапид, додавајќи дека на Израел му треба одговорно лидерство.
Нетанјаху, лидерот на конзервативната партија Ликуд, е на чело на десничарската коалициска влада од крајот на минатата година, во која има и екстремно десничарски министри. Ова е најдесничарската израелска влада досега.