САД стојат со Израел и поддршката на мојата администрација за безбедноста на Израел е цврста и непоколеблива. Ќе се погрижиме да ја имаат потребната помош за нивните граѓани и да продолжат да се бранат, вели Бајден во обраќање од Белата куќа
Американскиот претседател Џо Бајден, вечерва во обраќање од Белата куќа се осврна на нападот на Хамас на Израел и рече дека САД стојат со Израел.
„Израел има право да се брани себеси и својот народ, точка“,
рече Бајден.
Бајден ја потврди целосната поддршка на САД за Израел, велејќи дека таа е цврста и непоколеблива.
„Никогаш нема оправдување за терористичките напади. Во овој момент на трагедија, сакам да му кажам на Хамас и на светот и на терористите насекаде: САД стојат со Израел и поддршката на мојата администрација за безбедноста на Израел е цврста и непоколеблива. Ќе се погрижиме да ја имаат потребната помош за нивните граѓани и да продолжат да се бранат“,
додаде тој.
Tune in as I deliver remarks on the terrorist attacks in Israel. https://t.co/eKm9KtF68U
— President Biden (@POTUS) October 7, 2023
Бајден, исто така, рече дека му наредил на својот тим за национална безбедност да соработува со израелските колеги, „војска до војска, разузнавање до разузнавање, дипломат до дипломат, за да се увери дека Израел го има она што му треба“.
Тој додаде и дека му наредил на својот тим да остане во „постојан контакт“ со лидерите од целиот регион, вклучувајќи ги Египет, Турција, Катар, Саудиска Арабија, Јордан, Оман, ОАЕ.
„Џил и јас се молиме за оние семејства кои беа погодени од ова насилство. Тагуваме со оние кои ги загубија своите најблиски, изгубија дел од душата. Имаме надеж за брзо закрепнување на многумина кои се ранети“,
рече тој додавајќи дека ќе остане во близок контакт со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Претходно од Белата куќа информираа дека претседателот Бајден бил запознаен со ситуацијата во Израел и дека имал телефонски разговор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Бајден му рекол на Нетанјаху дека неговата земја е подготвена да ги понуди „сите соодветни средства за поддршка“ откако палестинската исламистичка група Хамас започна напад врз Израел.