Како е составуван Меморандумот потпишан од првите луѓе на МАНУ, УКИМ и на МПЦ-ОА? Како науката се здружи со религијата и зошто во „Mанифестот“ не фигурира воопшто уставното име на државата?
Академик Абдулменаф Беџети најавува за „360 степени“ дека ќе бара одговорност од Љупчо Коцарев; ректорот Никола Јанкуловски се повикува на изјава што ја одобрила Ректорската управа на УКИМ, а владиците Тимотеј и Петар сметаат дека Меморандумот е добар гест
Академик Абдулменаф Беџети, член на Претседателството на МАНУ, се оградува од Меморандумот насловен како „Македонски манифест“, зад кој вчера застана првиот човек на највисоката научна институција во земјава Љупчо Коцарев, заедно со ректорот на УКИМ Никола Јанкуловски и поглаварот на МПЦ г.г. Стефан.
Во изјава за „360 степени“, Беџети вели дека Претседателството на МАНУ, каде што тој е член, воопшто не било консултирано за Меморандумот и дека за тоа ќе побара одговорност од Коцарев.
„Не бевме воопшто консултирани како членови на Претседателството и за тоа Коцарев ќе одговара пред Собранието на МАНУ. Неговиот гест е многу нелогичен, ама не му е првпат. Нема никаква логика, во една секуларна држава, науката и религијата да прават вакви непринципиелни коалиции како што е коалицијата што овој пат ја направија првите луѓе на МАНУ, УКИМ и на МПЦ“,
вели Беџети посочувајќи, меѓу другото, дека православната верска заедница не е единствената во С Македонија ниту е единствена во Уставот на државата.
Академикот вели дека ќе покрене внатрешна постапка за утврдување одговорност на Коцарев и ќе побара одговор од него кој го овластил во името на МАНУ да објавува манифести зад кои не стојат сите академици или органите на Академијата.
„Го почитувам Коцарев како научник, кој е беспрекорен во својата област, меѓутоа тоа не е исто со водење институција каква што е МАНУ“,
нагласува Беџети посочувајќи дека пред од околу еден месец претседателот на МАНУ направил и друг „гаф“ кога на годишнината на институцијата најавил враќање на контроверзната Енциклопедија.
Ректорот на УКИМ Никола Јанкулоски, пак, вели дека тој го потпишал Меморандумот како претставник на скопскиот универзитет, но за тоа вели дека добил „виза“ од Ректорската управа, која пред неколку дена утврди изјава во врска со загрозувањето на интеграцијата на С Македонија во ЕУ поради бугарското вето.
Јанкуловски вели дека иницијативата за оваа изјава дошла од неколку факултети на УКИМ, а на инсистирање на „360 степени“ да каже за кои факултети станува збор, вели дека мисли дека првиот предлог во таа насока бил од Машинскиот факултет.
„Тоа се трите столба на една држава и ние комуницираме меѓу себе.“,
одговара Јанкуловски на прашање на „360 степени“, како дошло до координација меѓу УКИМ и МАНУ од една страна и МПЦ-ОА од друга.
Тој вели дека секоја институција учествувала со своја изјава во Меморандумот, кој потоа станал заеднички текст и дека нема што друго да додаде околу тоа.
„360 степени“ контактираше и со двајца од вкупно 12 владици кои се дел од Синодот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија за тоа дали тие се консултирани и дали стојат зад овој Меморандум.
Митрополит дебарско-кичевски и плаошки г. Тимотеј вели дека архиепископот г.г. Стефан го консултирал и дека тој се согласува со овој Меморандум.
„Јас бев консултиран и јас лично го поддржувам овој Меморандум. Мислам дека е корисен. Сепак, ние сме една институција од важност за овој народ“,
вели владиката Тимотеј, според кого нема ништо лошо во тоа што зад овој „Македонски манифест“ застанале заедно со УКИМ и МАНУ.
И митрополит преспанско-пелагониски г. Петар вели дека не гледа ништо лошо што МПЦ-ОА застанала заедно со УКИМ и МАНУ и прашува „зошто да не“. Како и владиката Тимотеј, и тој го поддржува Меморандумот.
„Го поддржувам. Не можам да кажам дека архиепископот ми се јавил, но и јас се согласувам со Меморандумот и стојам зад него“,
вели владиката Петар.
Во „Македонскиот манифест“ воопшто не се спомнува уставното име на државата – Република Северна Македонија, иако МАНУ во периодот пред постигнувањето на договорот со Грција беше активно вклучена во јавната дебата за Преспанскиот договор.
Во периодот кога на чело на МАНУ беше академик Владо Камбовски, органите на Академијата – Претседателството и Собранието – излегоа со неколку изјави и декларации во врска со договорот со Грција, а организираа и расправи во институцијата, при што имаше и поделени ставови меѓу академиците.
Летоска на промоцијата на четири капитални изданија за македонскиот јазик, претседателот на МАНУ настапи со оцена за позициите на Бугарската академија за науки (БАН), посочувајќи дека македонско-бугарскиот јазичен спор е бесмислен.
Претходно, Коцарев најави чекори за хармонизирање на односите со БАН, која кон крајот на минатата година излезе со усогласен став дека македонскиот јазик „не постои“, т.е. дека е „писмено-регионална норма на бугарскиот јазик“.
Во врска со очекуваното вето од Бугарија, меѓу другото, и поради несогласувања околу историските прашања, деновиве се огласи и Институтот за национална историја, за што имаше несогласувања и во оваа научна институција. Проблемот настана поради тоа што изјавата што ја усвоил Советот на ИНИ беше пласирана во јавноста во име на сите научни работници во оваа институција, а без претходни консултации со нив.