Според владиниот портпарол, Договорот од 2017 година е добра основа за продолжување на разговорите со Бугарија и за изнаоѓање решение
Договорот од 2017 година е добра основа и рамка за продолжување на разговорите со Бугарија, во насока на изнаоѓање решенија, изјави денеска, на редовната прес-конференција, портпаролот на Владата Душко Арсовски.
„Дозволете денеска да се случи разговорот на премиерот Зоран Заев со германската канцеларка Ангела Меркел, па потоа да известиме за деталите“,
додаде Арсовски, одговарајќи на прашања за барањето од Бугарија за анекс на Договорот и дали премиеров има предлози што ќе ги презентира во денешниот телефонски разговор со германската канцеларка Меркел.
Според Арсовски, став на Владата е дека нема потреба од нов договор или од анекс на Договорот за добрососедство со Бугарија.
Во врска со македскиот јазик, Арсовски потенцира дека македонскиот јазик и идентитетот се факти потврдени од ОН и Владата смета дека за ова не треба да има дилема.
Прашан со кои црвени линии нашата држава разговараше на средбата во Берлин во понеделникот, портпаролот Арсовски повтори дека премиерот Заев денеска ќе разговара со канцеларката Меркел и изрази благодарност што Германија како претседавач на ЕУ засилено се залага за исполнување на заедничката цел – одржување на првата меѓувладина конференција и со тоа означување на почеток на преговорите на Северна Македонија до крајот на годината.
„Ова е сигнал за целиот регион дека со тоа се задржува и кредибилитетот на ЕУ, што е инстерес на сите. Паралелно, се одвиваат контактите меѓу министерствата за надворешни работи на Бугарија и на Северна Македонија. Во овој момент цениме дека во интерес на тој процес не треба да се изнесуваат детали. Секако, важно е да се напомене дека сите овие контакти водат кон заедничко разбирање и секој нов состанок води кон зајакнување на довербата и приближување на позициите“,
истакна владиниот портпрол.
Тој потенцира дека земјава го почитува Договорот со Бугарија од 2017 година и останува на ставот дека тој е одлична рамка и нуди инструменти за да се менаџираат прашања за кои официјална Софија има некаква загриженост.
„Подготвени сме да прифатиме објаснувања во оваа насока и би упатиле апел и би го осудиле говорот на омраза во двете земји. Ги повикуваме сите чинители да го поддржат овој апел и заедно да спречиме нов наплив на омраза во кој било правец, што би влијаело на какво било начин, дали на преговарачите или на комисијата за историските прашања“,
рече Арсовски, додавајќи дека дилемите за историските прашања треба да ги разрешат експертите од двете држави.