Дивите ископи се вршеле во непосредна близина на изворите во струшкото село Шум, од каде што со вода за пиење се снабдува градот Струга

ОВР Струга поднесе кривична пријава против Х.М. (50) и Н.К. (54) од селото Велешта, како и против правно лице од истото село, поради нелегален ископ на минерални суровини, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Пријавените без важечки договор за концесија вршеле ископ и експлоатација на минерални суровини на повеќе парцели во приватна, но и во државна сопственост.
Дивите ископи се вршеле во непосредна близина на изворите во струшкото село Шум, од каде што со вода за пиење се снабдува градот Струга.
Нелегалните градежни активности предизвикале драстично заматување на водата – дури над 30 пати повеќе од максимално дозволените граници.
Активностите на пријавените довеле до долготраен прекин во водоснабдувањето и забрана за користење на водата од водоводот за пиење, готвење и одржување лична хигиена.
Пријавите за двете физички лица и фирмата се поради сомнение за четири тешки кривични дела – узурпација на недвижности, незаконита експлоатација на минерални суровини, предизвикување опасност при градежни работи и загадување вода за пиење.
Водата од струшкиот водовод од почетокот на февруари годинава беше забранета за секаква употреба поради висока заматеност.
На вонредната седница на Советот на Општина Струга на 19 февруари, струшкиот градоначалник Менди Ќура рече дека ископувањата направени околу изворите во селото Шум се главната причина за матноста на водата од која се снабдуваат Струга и околните села. За состојбата и незаштитата на изворите ги обвини своите претходници.
Во врска со случајот, предмет отвори Основното јавно обвинителство Струга, кое ќе ги испитува причините за појавата и евентуално сторените кривични дела против животната средина и природата.
Водата во Струга од 6 март е безбедна за пиење и забраната за нејзина употреба се укина откако последните анализи на примероците од водата од изворот Шум покажале дека матноста на водата е во граница на нормалата.
