Не е само промена на Уставот, додаде премиерот, ќе следува и Акцискиот план, работата на историската комисија и Протоколот 2, каде што работата на историската комисија е само едно од барањата. Но, додаде тој, ова не се нови, туку барања од самиот почеток
Нема нови барања од Бугарија – тоа се истите барања од самиот почеток, од 2022 година, не се нови. Ова денеска го изјави премиерот Христијан Мицкоски прашан дали постојат нови барања од Бугарија, откако претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по вчерашната средба со својата бугарска колешка Илијана Јотова во Софија рече дека е јасно оти уставните измени не се единственото барање за земјава, туку оти има барања поврзани со протоколите што произлегуваат од работата на исторската комисија.

„Не се тоа нови барања, тоа се барања од самиот почеток, од 2022 година. Ова се барања кои ние ги видовме уште во 2022 година и затоа рековме дека сме против. Само што чекавме четири години за тие барања да ги слушне цела Европа и светот, но и оние граѓани кои беа жртви на манипулативната политика на поединци. Ова се истите барања. Односно, да бидам попрецизен – работата на историската комисија не е формална, таа е суштинска. Да речеме, немаме исто гледање на идентитетските прашања. За нас, Гоце Делчев е идентитетот македонски, за нив не е, за нив е дел од бугарскиот идентитет. За нас, Илинденското востание е дел од македонскиот идентитет, за нив не е. Тоа е Преображенско востание. Тоа се суштински прашања, кои, за жал, се присутни уште од 2022 година“,
изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.
Не е само промена на Уставот, додаде премиерот, ќе следува и Акцискиот план, работата на историската комисија и Протоколот 2, каде што работата на историската комисија е само едно од барањата.
На прашањето дали и покрај ставот на Бугарија е сè уште оптимист дека предлогот на германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон за постепена забрзана интеграција на Западен Балкан во Европската Унија ги надминува овие прашања за земјава, премиерот рече:
„Јас сум сè уште оптимист кога станува збор за разговорот што го имав со Мерц и Макрон затоа што тоа што го разговаравме на тој состанок е сосема различно од вчерашниот состанок. Така што, ние мораме да бидеме оптимисти и да работиме, истовремено да ги штитиме македонските национални интереси, да не влегуваме во авантура, да не бидеме очајници и давеници како што тоа го правеше претходната влада, која за жал е последниот браник на она што беше прифатено во 2022 година.“
Бугарската претседателка Илијана Јотова вчера на својата македонска колешка Гордана Сиљановска-Давкова ѝ порачала дека Бугарија очекува земјава да ги исполни европските критериуми за членство во Европската Унија, односно да го исполни францускиот предлог од 2022 година, кој самата го потпиша, а кој стана паневропски став за пристапување на земјата во ЕУ.
