На Форумот, кој годинава се одржува онлајн, ќе учествуваат Мирослав Лајчак, Александар Вучиќ, Авдулах Хоти, Оливер Вархеји, Мајлинда Брегу и многумина експерти на темите кои се на агендата
Недостигот на доверба и солидарност во меѓународните односи, пандемијата на ковид-19, состојбата со демократијата и „заробената држава“ ќе бидат главните теми на десеттиот Белградски безбедносен форум насловен „Нема мир без доверба“.
Учесниците на јубилејното издание на Форумот, кој годинава се одржува онлајн, ќе дебатираат за прашања кои се наметнаа во овој период на пандемија – недостиг на доверба и солидарност во меѓународните односи манифестирани преку кризата на мултилатерализмот, довербата во технологијата и нејзиното влијание врз глобалниот развој, демократијата – која беше меѓу првите погодени во корона-кризата.
Во наредните денови ќе се дискутира за дијалогот меѓу Белград и Приштина, иднината на Европската Унија и европската перспектива на Западен Балкан, изборите во Соединетите Американски Држави, наративите против ЕУ во Западен Балкан, односот меѓу технологијата и приватноста… Ќе се начнат и темите на популизмот, екстремниот десничарски национализам и организираниот криминал кои сè повеќе го оптоваруваат глобалното општество.
На Форумот ќе учествуваат Мирослав Лајчак, специјален претставник на ЕУ во дијалогот Белград-Приштина, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, премиерот на Косово, Авдулах Хоти, еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, генералниот секретар на Советот за регионална соработка, Мајлинда Брегу, и многумина експерти на темите кои се на агендата.
Детално за агендата на годинашното издание на Форумот може да се информирате тука.