Дури и да не си политички аналитичар и само ако ги следиш вестите, ќе сфатиш дека дел од демократиите не се справија добро, вели познатиот бугарски политиколог Иван Крастев, кој додава дека една од причините може да биде тоа што во парламентарните демократии треба повеќе време за да се донесат одредени одлуки
Одговорот на прашањето – дали демократските или автократските држави подобро се справија со ковид-19, не е едноставен, бидејќи дел од богатите и демократски земји одговорија добро на предизвикот, но некои не успеаја во тоа, сметаат политикологот од бугарскиот Центарот за либерални студии, Иван Крастев, и експертот по демократија од Фондацијата за меѓународен мир – Карнеги, Томас Керотерс.
Тие учествуваа во дискусијата на тема „Спасување на демократијата: соработка и солидарност по последиците од пандемијата“ во рамките на 10. издание на Белградскиот безбедносен форум, кој оваа година се одвива онлајн.
„Многумина во изминативе седум месеци ме прашуваа кој се справува подобро со пандемијата – демократските или недемократските држави. Но, одговорот е дека она што ти е потребно за да се справиш со пандемија е одговорност, стабилно лидерство, добри политики, кои граѓаните ќе може да ги следат и да соработуваат во процесот, и евентуално претходно слично искуство во здравствнеиот систем“,
рече Керотерс, додавајќи дека овие карактеристики не кореспондираат со политичкото уредување на една земја.
Тој вели дека не само што нема корелација со политичкиот систем туку нема корелација ниту со нивото на економски развој на една земја.
„Виетнам е многу посиромашна земја од САД, но направи многу повеќе отколку некои побогати држави. Значи, не е важно дали си богата или сиромашна земја, она што е важно е да има ефективност и токму тоа е она што граѓаните го бараат и очекуваат“,
додаде Керотерс.
Тој даде уште еден пример: иако Европа е побогата од Африка, сепак, во ковид-пандемијата страда многу повеќе.
Познатиот бугарски политиколог, Иван Крастев, се согласи со анализите на Керотерс, но смета дека треба да се има предвид дека дискусијата се случува во време кога светот е во средина на кризата. Тој вели дека првично, можеби, Кина подобро дејствувала од САД во спречувањето на ширењето на ковид-19, но не може да се предвиди што ќе се случува понатаму.
„Зборуваме за нешто што сè уште не е завршено. Кога ќе погледнеме пошироко, не само од аспект на јавното здравје, туку економските последици, психолошките последици кои ќе се одразат на општествата, сфаќаме дека тука политичките режими не се оние кои се важни. Дури и да не си политички аналитичар и само ако ги следиш вестите, ќе сфатиш дека дел од демократиите не се справија добро. Но, некои од нив се справија многу добро, иако не смееме да очекуваме дека сите ќе постапуваат исто“,
рече Крастев и укажа дека можеби неуспешноста на одредени земји да се справат со кризата е тоа што во парламентарните демократии потребно е повеќе време за да се донесат некои одлуки, да се преземат чекори.
На прашањето дали оваа состојба во која се најде светот како последица на корона-кризата може да се толкува како еден вид деглобализација, Крастев изнесе интересен пример дека токму во времето кога одредени земји спроведуваа карантин, луѓето повеќе се поврзаа, иако не физички.
„Луѓето се вратија кон грижата за семејството. Одеднаш затворени во своите домови, станови, тие почнаа да се интересираат, на пример, каква е состојбата со вирусот во Бразил, што се случува на некое друго место кое физички е многу далечно, што е интересен феномен“,
додаде тој.
И Керотерс и Крастев сметаат дека демократските системи ќе се менуваат, но најважно од се е во новите форми кои би се создале да се зачува солидарноста.