За СОНК одлуката мора да биде рационална во однос на безбедноста на здравјето и на децата и на вработените
Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) во објава на социјалната мрежа Фејсбук побара Комисијата за заразни болести и Министерството за образование и наука да донесат рационална одлука за тоа каков ќе биде почетокот на новата учебна година.
Во изјава за „360 степени“, првиот човек на синдикатот, Јаким Неделков, фразата „рационална одлука“ ја објаснува како модел кој ќе биде во интерес и на учениците и на вработените во училиштата, каде максимално би биле заштитени од инфекција. Според Неделков, Комисијата и МОН треба да гарантираат безбедност, а во никој случај да се експериментира со физичка настава.
„Голем е ризикот. Имаме две ситуации кои можеби се неспоредливи. Од една страна е безбедноста и здравјето со онлајн настава што е добитна комбинација, а од друга страна, квалитетот на образовниот процес е со физичкото присуство. Сега да видиме кое е помалото зло во овој момент. На сите родители и наставници не можеме да погодиме, секогаш има аргументи за и против, но ајде да го одбереме помалото зло“,
вели Неделков за „360 степени’.
Денешниот термин за одлука како ќе функционира наставата од септември, за првиот човек на СОНК е повеќе од задоцнета.
„Бирото за развој на образованието направи програма за далечинско учење и мислам дека е усвоена. Ако денеска се донесе одлука да се примени онлајн настава, таа ќе се реализира. Да се почне со онлајн унифицирана платформа, каде сите ќе бидат безбедни, а околу квалитетот на наставата ќе треба да се надградува, да се видат сите аномалии досега“,
додава Неделков.
Комисијата за заразни болести заедно со претставници на Министерството за образование и наука денеска одржуваат состанок на кој се очекува да бидат финализирани протоколите за реализација на наставата од 1 септември. Епидемиологот Александар Стојанов, член на Комисијата и директор на Центарот за јавно здравје Скопје, за МИА потврди дека во моментов имаат состанок за протоколите за кои и претходно со работната група на МОН имаа консултативни средби за утврдување на деталите.