Тој апелираше да се има чувство и разумност за состојбите и тврди дека поради добрата хиерархиска поставеност на Синдикатот, информациите се достапни за сите членови и нивните простории се отворени за секого, како и дека регионалните претседатели на СОНК постојано се со членството. Меѓутоа, вели Неделков, тој како претседател нема намера да биде само англиска кралица или нечија марионета. За вчерашниот и за протестот во вторникот на дел од членството рече и дека веројатно се обид за ослабување на позициите на СОНК и разбивање на единството
Адвокатката на СОНК, пак, на прес-конференција објасни дека Синдикатот имал законска обврска да го стави штрајкот во мирување по иницијативата за мирно решавање на спорот со оглед дека образованието и заштитата на децата се дејности од општ интерес според Законот за мирно решавање на спорот
Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, денеска на прес-конференција рече дека вчерашната одлука на раководството на Синдикатот да го стави штрајкот во мирување е нивна законска обврска што мора да ја почитуваат.
За вчерашните протести на дел од членството, кое искажа незадоволство и револт од одлуката и го повикуваше него како синдикален лидер да им ја објасни ситуацијата, но и да си даде оставка, Неделков рече тие веројатно се изманипулирани или неинформирани.
„Непријатно и жално е што наједуцираните луѓе во државата, без да се навреди друг синдикат, дозволуваат на некој начин да бидат, претпоставувам, изманипулирани или неинформирани. Од таа причина сметам дека многу е полегитимно нивните барања и права, согласно статутот на СОНК да ги побараат во рамки на организацијата, а не да вршат ваков притисок врз раководството каде за волја на вистината една одлука донесена од Советот на СОНК која е поткрепена со законски акт, ја спорат. Зошто не биле прашани? Навистина какво е тоа прашање зошто членовите на СОНК не биле прашани дали да постапат согласно закон?! Мислам дека е беспредметно нивното укажување, добро е што имаме различни мислења, тоа докажува демократија меѓутоа вакви неидентификувани собирања каде не знаеме кој е организаторот и која му е целта?“,
рече Неделков.
Според него, вчерашниот, исто како и протестот во вторникот, веројатно е обид за ослабување на позициите на СОНК и разбивање на единството.
„Вакво ’спонтано‘ собирање на два пати и упади во овие просториите пред два дена, во вторникот, не личи на просветни работници. Јас на секому ќе му се извинам ако го навредам, меѓутоа ваквото однесување апсолутно не води кон ништо. На тој начин секој нека биде свесен дека мене нема да ме поколеба да работам согласно закон, да градам партнерски однос и максимално да се залагам за правата на работниците. Во моментов се бориме за нив за дневниците да им ги спасиме и во детските градинки и во образование“,
рече Неделков.
Тој апелираше да се има чувство и разумност за состојбите и тврди дека поради добрата хиерархиска поставеност на Синдикатот, информациите се достапни за сите членови и нивните простории се отворени за секого, како и дека регионалните претседатели на СОНК постојано се со членството. Меѓутоа, вели Неделков, тој како претседател нема намера да биде само англиска кралица или нечија марионета.
„Ние до таму отидовме до демократија, да за секое прашање бараме согласност од членството. Тоа во другите установи ги нема. Дали во Собрание имаме референдумско изјаснување на гласачите за носење на некој закон? Не, ние со нашите гласови сме му дале доверба на пратеникот да гласа во наше име. Јас не знам, веројатно се очекува претседателот на СОНК да биде англиска кралица или само фигура која ќе работи на далечинско или ќе изигрува марионета? Не, благодарам за таква работа. Добро е да се има демократија и сум дефинитивно против анархија. Анархија во нашиот синдикат нема да дозволиме, вакви случувања не личат на просветни работници“,
изјави Неделков.
Одлуката на раководството на СОНК за ставање на штрајкот во мирување, која вчера предизвика револт и протести на дел од членството, на прес-конференција со Неделков ја објаснуваше и една од адвокатите кои се правни застапници на Синдикатот.
По иницијативата од МОН за мирно решавање на спорот, вчера од Министерството за транспорт и врски, согласно Законот за мирно решавање на работни спорови, назначиле помирувач/медијатор. А, СОНК, според адвокатката, мора да премине кон мирно решавање и да го стави штрајкот во мирување бидејќи образованието е една од дејностите од општ интерес.
„Вчера од МТСП е доставено известување до СОНК дека согласно член 19 од Законот за мирно решавање на работните спорови, е назначен помирувач. Иако законот предвидува доброволно пристапување кон мирување, истиот во член 18 став 1 напоменува дека во случај на штрајк или спор во дејности од општ интерес страните се должни веднаш да пристапат кон мирно решавање на колективниот спор. Во став 3 од истиот член дејностите од општ интерес се вклучително образованието и заштитата на децата. Во став 4 од истиот член е наведено дека за времетраење на постапката на спорот, штрајкот е во мирување. Тоа значи дека штрајкот не е прекинат туку е само ставен во мирување за времетраење од 10 дена кој рок е предвиден во член 18 став 2 во постапката за мирно решавање на колективниот спор“,
рече адвокатката.
За денеска во 14 часот е закажана и првата средба преку медијаторот на двете страни – СОНК и МОН.