Пишува: Зоран Нечев, експерт на BiEPAG (The Balkans in Europe Policy Advisory Group), поддржана од European Fund for the Balkans
Денот кога го пишувам овој текст (11 октомври) е денот кога македонскиот народ ги слави својата државност и борбата за независност. Тоа е еден од најголемите национални празници, познат како Ден на народното востание против фашизмот. Исто така, тоа е денот кога го анализирам годишниот Извештај на Европската комисија за Северна Македонија, кој ги оценува реформите во земјата на нејзиниот пат да стане дел од европското семејство.
Извештајот за Северна Македонија 2020 г. не беше изненадување за македонските граѓани. Во март оваа година Европската комисија даде ажурирана проценка за спроведувањето на реформите во земјата, опфаќајќи го периодот од заклучоците на Советот од јуни 2018 до март 2020 година. Ажурирањето се базира на наодите и препораките од пакетот за проширување 2019 година, притоа нотирајќи дека земјата испорачува опипливи и одржливи резултати во клучните области на политиката.
Ова беше изговор за долгоочекуваната (поминаа 11 долги години од првата препорака и повеќе одложувања пред решавањето на прашањето за името) одлука на Советот на ЕУ, одобрена од Европскиот совет, за отворање пристапни преговори за Северна Македонија. Со оглед на овие околности, ретко кој можеше да очекува нешто помалку од Комисијата отколку признание „дека ќе продолжи да ја унапредува агендата ЕУ-еформите на инклузивен начин“. Во својот говор во македонскиот парламент комесарот Вархеји спомена дека „земјата одржува стабилно темпо на напредок и продолжува да испорачува во клучните области на владеењето на правото, вклучувајќи ги судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал“. Северна Македонија беше првата станица на неговата турнеја низ Западен Балкан.
Земјата организираше предвремени парламентарни избори на 15 јули кои се одржаа пред изборите во Црна Гора, а по изборите во Србија. Годишниот извештај на ЕУ ја нотира оценката на ОБСЕ/ОДИХР дека „генерално, изборите беа добро спроведени, а кампањата беше конкурентна“, притоа давајќи критика за „суштинските ревизии на правната рамка, вклучувајќи ги и владините уредби“. Сепак, во извештајот нема збор за сајбер-нападот на веб-страницата на Државната изборна комисија на денот на изборите.
Парламентот е посочен како институција во која се одвива конструктивен политички дијалог, што доведе до континуирано усвојување на законите поврзани со ЕУ, со поддршка на опозицијата, вклучувајќи го и Деловникот на Собранието. Се потврдува учеството на сите страни во дијалогот „Жан Моне“, кој се одржува со присуство на претставници на Европскиот парламент. Она што загрижува е предвидливоста на процесот на донесување закони. Од 86 закони (вклучувајќи 22 во редовна постапка и 11 ратификации), значителен дел беа усвоени со скратена постапка, од кои мнозинството на предлог на членови на парламентот. Во 2019 година, 61,6% од законите беа усвоени преку оваа постапка, што е трипати повеќе во споредба со 2018 година. Со тоа, пратениците ја заобиколуваат регулаторната проценка и го намалуваат просторот за учество на засегнатите страни и одржување вистинска демократска дебата.
Во однос на независноста на судството, како клучна пресвртница посочена во Извештајот е усвојувањето на Законот за јавното обвинителство, а со тоа и одржливо продолжување на случаите што ги отвори Специјалното обвинителство. Проактивниот пристап на Државната комисија за спречување на корупција, вклучувајќи и покренати „случаи на високопозиционирани функционери од целиот политички спектар“, се оценува позитивно.
Од аспект на старт на преговорите, во Извештајот се споменува потребата од подобрување на „ЕУ интеграцискиот координативен систем за политики“. Ова се очекува и поради фактот што утврдените преговарачки структури датираат од периодот пред ЕК да ја воведе новата методологија за проширување. Оваа ситуација, исто така, може да се искористи од новата влада за да се воспостави ефикасна, инклузивна и одржлива структура за пристапни преговори што ќе остане функционална и во наредните години – отпорна на сите владини промени, како што тоа го побара граѓанскиот сектор.
Во однос на економските критериуми, Северна Македонија е на „добро ниво на подготовка за развој на функционална пазарна економија“. Сепак, потребно е да се направи повеќе „за да се справи со конкурентските притисоци и пазарните сили во ЕУ“. Иако ковид-19 ќе остави траен белег на економската состојба во земјата, Извештајот наведува дека треба да се надминат структурните проблеми и потреби, како што се недостиг на вештини кај работната сила, одлив на квалификувани работници, образовен систем и продуктивност на трудот, ако навистина се сака подобро и побрзо да се надминат овие тешкотии.
Во извештајот се фали земјата за нејзините постојани напори за подобрување на усогласувањето со надворешната политика на ЕУ. Паралелно, се очекува одржување добрососедски односи со другите земји кои се во процесот на проширување, како и имплементирање на билатералните договори со Бугарија и со Грција. Важно е да се спомене дека инсистирањето на Бугарија за употреба на построга формулација во однос на спроведувањето на билатералниот договор во преговарачката рамка, може сериозно да ги загрози напорите на владата во Скопје за конечно отворање на преговарачкиот процес, да ги загрози напорите на германското претседателство за организирање на првата меѓувладина седница до крајот на годината и, конечно, да ги загрози напорите на сите што веруваат во вистинското значење на европската солидарност, обединувањето на Европа и интегритетот на континентот.
Оригиналниот текст на Зоран Нечев на анаглиски јазик може да го прочитате тука.