На официјалната страница на инстаграм-профилот „Студенти на Технолошко-металуршкиот факултет“ е објавено што се подразбира под генерален штрајк и како во него можат да учествуваат граѓаните и работодавците
Студентите им порачаа на работодавците да им дадат слободен ден на своите вработени, да ги откажат сите закажани состаноци и да ги информираат клиентите за причините зошто не работат тој ден. Ги повикаа граѓаните да не пијат кафе во кафуле, туку да пијат дома, да не одат во ресторан и да не нарачуваат храна, туку сами да си направат ручек, да не одат во фитнес-сала, туку да вежбаат дома
Во Србија денеска се одржува генерален штрајк како форма на граѓанска непослушност, на која граѓаните се повикани од страна на студентите и средношколците, пренесува српски Н1.
Поддршка на штрајкот најавија многубројни компании, здруженија и политички партии.

„Не одиме на работа, не одиме на предавања, не ги извршуваме секојдневни обврски. Да ја земаме слободата во наши раце. Вашето учество прави разлика“,
напишаа студентите на социјалната мрежа Инстаграм.
Најавено е дека во 11:52 часот на повеќе локации во Србија ќе се одржи комеморација во чест на загинатите во несреќата на железничката станица во Нови Сад, по што ќе следува генерален штрајк.
За 14 часот е закажан протест „Да разговараме кој е толпа, а кој ѓубре“ во организација на Одборот за протест на адвокатите пред зградата на српското Претседателство.
На официјалната страница на инстаграм-профилот „Студенти на Технолошко-металуршкиот факултет“ е објавено што се подразбира под генерален штрајк и како во него можат да учествуваат граѓаните и работодавците.
Студентите им порачаа на работодавците да им дадат слободен ден на своите вработени, да ги откажат сите закажани состаноци и да ги информираат клиентите за причините зошто не работат тој ден. Ги повикаа граѓаните да не пијат кафе во кафуле, туку да пијат дома, да не одат во ресторан и да не нарачуваат храна, туку сами да си направат ручек, да не одат во фитнес-сала, туку да вежбаат дома.
Во повикот за генерален штрајк студентите потсетуваат и на своите барања – објавување на комплетната документација за реконструкцијата на железничката станица во Нови Сад, отфрлање на кривичните пријави против студентите кои се уапсени и приведени на протестите, како и запирање на кривичните постапки, процесирање на лицата одговорни за нападот на студентите и професорите, како и нивно разрешување доколку се утврди дека се на јавни функции, како и зголемување на буџетот за високо образование за 20 отсто.
Оваа недела најмалку по една протестна акција се одржа во најмалку 103 града, населени места и села низ Србија поради уривањето на натстрешницата на железничката станица во Нови Сад. Најавени се протести на најмалку четири нови локации до крајот на неделата.
Студентските протести започнаа кон крајот на ноември. Во моментов блокирани се речиси 60 факултети, неколку ректорски управи и некои средни училишта.
Еден од најголемите протести беше пред Радио-телевизија Србија (РТС). Незадоволни од известувањето на телевизијата, студентите ги повикаа граѓаните да им се придружат на протестот под слоганот „Нашето право да знаеме сè“.
Според нив, РТС е должна објективно, навремено и непристрасно да известува за барањата на студентите за протестите.
За време на протестите имаше неколку инциденти, а последниот беше на 16 овој месец кога 20-годишна студентка се здоби со тешки повреди откако кон неа влета автомобил за време на протестната блокада во центарот на главниот град на Србија.