Адвокатите во декември 2024 години ја прекинаа работата на еден ден, протестирајќи, како што рекоа, против селективното процесуирање на одговорните за инцидентот во Нови Сад и за носењето закони без доволно јавна расправа

Собранието на Адвокатската комора ја Србија денеска на вонредна седница донело одлука да се прекине работата на адвокатите во земјата на седум дена, пренесуваат српските медиуми. Како причина се наведува „поддршката и придружувањето кон барањата на студентите“. Најавено е дека прекинот на работата ќе трае до 26 јануари.
Претходно, студенти од правните факултети во повеќе градови на средби со адвокатите им предале писмо во кое бараат нивна поддршка, пренесе Радио Слободна Европа на српски јазик, повикувајќи се на агенцијата Бета.
Во писмото студентите напишале дека се свесни оти не можат сами да предизвикаат промена и дека на адвокатите им подаваат рака за да ги охрабрат во донесувањето одлука што би придонела за општествена преродба.
Адвокатите во декември 2024 години ја прекинаа работата на еден ден, протестирајќи, како што рекоа, против селективното процесуирање на одговорните за инцидентот во Нови Сад и за носењето закони без доволно јавна расправа.
Несреќата во Нови Сад од 1 ноември минатата година, во која по падот на натстрешница на неодамна реконструираната железничка станица загинаа 15 луѓе предизвика протести низ Србија што се уште траат. Студентите од повеќе од 60 факултети бараат одговорност за случајот. Протестите се одржуваат со 15-минутна тишина секој ден во 11:52 часот, времето кога се случи несреќата. На студентите им се придружуваат професори, интелектуалци и други лица и групи.
На денешниот таков протест во Нови Сад учествуваа универзитетските наставници, истражувачи и студенти под мотото „4 000 наставници, 4 000 чекори“, пренесе МИА, исто така повикувајќи се на Бета. И тие одржаа 15-минутен молк за жртвите од уривањето на натстрешницата.
Студентите и професорите на Медицинскиот факултет организираа посебна поворка за да се сретнат со наставниците и колегите кои ги чекаа на Академијата за уметности.
Српската телевизија Н1 пренесува дека во поддршка на протестите некои училишта низ земјата нема да работат во понеделник. Во Зајечар нема да работат четири средни и шест основни училишта, во Бор три средни училишта, и по едно училиште во Бољевац и во Арадац. И форумот на смедеревски училишта ги повикал просветните работници и родителите на протест в понеделник. Слични најави имало и, како што јавува Н1, од голем број училишта низ Србија.