Наришкин не ја наведува причината за смртта, но вели дека Навални починал од природна смрт
Шефот на руската служба за разузнавање Сергеј Наришкин изјави дека опозицискиот лидер Алексеј Навални починал од природна смрт, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).
Наришкин, во интервју што го пренесува руската државна телевизија, не ја наведува причината за смртта.
„Порано или подоцна, животот завршува и луѓето умираат. Навални почина од природна смрт“,
рече тој.
Дека Навални починал од природна смрт пред десетина дена рече и шефот на украинската воена разузнавачка служба, Кирил Буданов.
Семејството и соработниците на Навални го обвинуваат рускиот претседател Владимир Путин за неговата смрт, додека Кремљ ги отфрла сите обвинувања.
Навални почина на 16 февруари во затвор каде што издржуваше 19-годишна затворска казна за екстремизам.
Државната затворска служба објави дека Навални починал од ненадејна смрт откако му се слошило додека шетал низ затворската колонија. Поддржувачите на Навални веруваат дека тој е убиен, а неговата вдовица Јулија вети дека ќе ја продолжи работата на нејзиниот сопруг.
Навални беше погребан на 1 март на гробишта во Москва. Најмалку 120 лица се уапсени во Русија поради учество на собири во чест на неговиот спомен.
Повеќе од 40 земји повикаа на независна меѓународна истрага за смртта на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, велејќи дека рускиот претседател Владимир Путин ја сноси крајната одговорност.
Тие ја повикаа Русија веднаш и безусловно да ги ослободи сите политички затвореници, бранители на човекови права, новинари и антивоени активисти приведени поради мирно остварување на нивните човекови права и противење на руската војна во Украина.