На почетокот на својот говор во Европскиот парламент, Јулија Навалнаја ја одбележа втората годишнина од војната во Украина опишувајќи ја како „брутална и предавничка“
Јулија Навалнаја, вдовицата на покојниот руски опозициски лидер Алексеј Навални, одржа говор пред членовите на парламентот на ЕУ.
На почетокот на својот говор таа ја одбележа втората годишнина од војната во Украина опишувајќи ја како „брутална и предавничка“.
„Но, поминаа две години, има многу исцрпеност, многу крв, многу разочарување, а Путин не отиде никаде“,
рече таа.
Навалнаја додаде дека луѓето сега се навикнати на војна и почнале да велат: „Па, ќе мора да се договориме со Путин“.
„И тогаш Путин го уби мојот сопруг Алексеј Навални“,
продолжи таа.
Јулија истакна дека Навални бил мачен три години по наредба на Путин, дека бил изгладнет во мала камена ќелија, отсечен од светот.
„И потоа го убиле. И после тоа го малтретирале неговото тело и ја малтретирале неговата мајка“,
рече таа.
„Ако сакате да го победите Путин, мора да престанете да бидете здодевни“
Според неа, „убиството на нејзиниот сопруг ѝ покажа на јавноста дека Путин е способен за се и дека со него не може да се преговара“.
Навалнаја додаде дека луѓето се шокирани од смртта на нејзиниот сопруг и „загрижени дека Путин не може да биде поразен“.
Таа рече дека нејзиниот сопруг ги инспирирал луѓето и покрај ограничувањата што Путин му ги поставил за време на неговиот живот.
Вдовицата на Навални предупреди дека Путин не може да биде повреден со санкции или резолуции, ниту врз основа на моралот и правилата.
„Ова е одговорот на прашањето. Ако навистина сакате да го победите Путин, треба да станете иноватори. И мора да престанете да бидете здодевни. Не можете да го повредите Путин со друга резолуција или друга група санкции кои не се разликуваат од претходните. Не можете да го победите со тоа што мислите дека е човек со принцип кој има морал и правила“,
изјави Навалнаја во Европскиот парламент.
Таа им порача на пратениците дека мора да се борат против „оваа криминална група“ и рече дека клучни ќе бидат финансиските истраги наместо дипломатските методи.
„Путин мора да одговори“
Навалнаја додаде дека Путин мора да одговара за тоа што им го направи на Русија, Украина и на нејзиниот сопруг.
„Путин мора да одговара за она што и го направи на мојата земја. Путин мора да одговара за она што и го направи на соседната, мирна земја. И Путин мора да одговара за се што му направи на Алексеј“,
рече таа.
Завршувајќи со оддавањето почит на Алексеј Навални, Јулија додаде:
„Мојот сопруг никогаш нема да види како ќе изгледа прекрасната иднина на Русија, но ние мораме да ја видиме. И јас ќе дадам се од себе да го остварам неговиот сон, таа злобна волја да падне и да дојде оваа убава иднина“.
Членовите на Европскиот парламент станаа и ѝ аплаудираа откако таа го заврши својот говор.