При претресите се пронајдени поголема количина марихуана, повеќе пакувања со кокаин, како и помали пакувања со кокаин подготвени за понатамошна продажба. Полицијата пронашла и пиштоли и пушки, разновидна муниција и парични средства
Шеснаесет лица се приведени во акција на МВР за сузбивање на недозволена трговија со дрога и нелегално поседување оружје. Во рамки на акцијата, извршена на 16 и 17 октомври, полицијата извршила 47 претреси во домови и други помошни простории на повеќе локации низ државата.

„При претресите беа пронајдени и одземени поголема количина марихуана, повеќе пакувања со кокаин, како и помали пакувања со кокаин подготвени за понатамошна продажба. Исто така, беа пронајдени и одземени огнено оружје – пиштоли и пушки, разновидна муниција, парични средства и други предмети за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривични дела“,
соопштија од МВР.
Оттаму додаваат дека во рамки на акцијата поднесени се 11 кривични пријави во врска со делата неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори и недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи.
