Рускиот опозиционер Алексеј Навални е номиниран за Нобелова награда за мир како предлог на професори и научници од САД, Велика Британија и други земји.
Информацијата ја соопшти професорот Сергеј Ерофеев, кој предава на Универзитетот „Ратгерс“ во Њу Џерси.
Според него, процесот за номинација го започнале научници, но тоа не значи дека нема да се придружат и државници или претставници на меѓународни организации.
„Да се напомене дека прво во ова барање не се политичарите, туку научниците. Оваа идеја ја поддржаа и оние групи кои претходно имаа негативен однос кон дејноста на Навални, но го сменија своето мислење“,
додава Ерофеев.
Според правилникот на Нобеловата фондација, кандидатот може да биде предложен од ректори на универзитети, професори по социјални науки, филозофија, историја, право и теологија. Потоа, членови на парламенти и влади на разни земји, членови на меѓународни судови, директори на научно-истражувачки институти за светска и внатрешна политика, лауреати на Нобелова награда за мир, членови на совети на организации што примиле Нобелова награда за мир, како и членови и советници на норвешкиот Нобелов комитет.
Навални во моментов е во Берлин и се лекува во болницата „Шарите“ откако беше отруен со нервниот агенс новичок. По труењето, тој падна во несвест и беше ставен во индуцирана кома од 20 август до 7 септември, додека лекарите се бореа за неговиот живот.
Европарламентарците денеска изгласаа критична резолуција против Русија поради труењето на Навални. Брисел, Берлин, Париз, Лондон и Вашингтон бараат објаснување од Москва и подготвуваат санкции. Русија негира дека Навални бил нападнат со хемиско оружје и ги бара анализите за тоа од Германија.
Во меѓувреме други две независни лаборатории од Франција и Шведска потврдија дека Навални е отруен со новичок.