Од Бирото велат дека порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, на цената на резервните делови, порастот на платите и постојаната голема инфлациска тенденција
Цената за осигурување од автомобилска одговорност е непроменета изминатите 15 години и е единствена категорија во државата која не претрпела зголемување на цена, велат денеска од Националното биро за осигурување (НБО) откако од вчера цените на осигурителните полиси се зголемија за 15 отсто.
Од Бирото велат дека порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, на цената на резервните делови, порастот на платите и постојаната голема инфлациска тенденција.
Од НБО посочуваат дека општиот пораст на цените од 2008 до 2023 година изнесува 61,56 отсто, а дека претходната цена на задолжителното автоосигурување била непазарна, прениска, меѓу најниските во регионот, непроменета уште од 2008 година. Оценија оти тоа ја доведува во прашање исплатливоста на работењето на осигурителните компании во оваа класа и дејствува демотивирачки на понудата на оваа полиса.
„Без поскапувањето овој бизнис е неодржлив и ќе биде полека напуштен од страна на осигурителните компании. Финансиските институции имаат обврска да работат по строго дефинирани одржливи параметри, со цел зајакнување на стабилноста на финансискиот систем. Како потсетување, во 2008 година цената на автомобилската одговорност беше намалена за 30 отсто, но, денес условите за работење се променети и неодржливо е за Осигурителните компании да работат со цени на ова ниво“,
велат од Националното биро за осигурување.
Оттаму дополнително посочуваат дека процентот го дефинира секоја осигурителна компанија посебно, зависно од деловната политика и направената анализа. Оттаму објаснуваат дека се работи за европски компании кои одлуките ги носат врз основа на сериозни повеќегодишни анализи, кои покажуваат дека, како што велат, бизнисот за осигурување на автоодговорност е неодржлив со сегашните цени.