Овие цени се однесуваат на автомобили со моќност над 44 киловати (КВ) и за товарните возила. Премијата за осигурување за возилата со моќност до 44 киловати останува иста. Зголемувањето на цената на полисите за задолжително автомобилско осигурување, од Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) го оценија како неоправдан чекор
Поскапи регистрацијата на возилата. Имено, од вчера цените на осигурителните полиси се повисоки за 15 отсто. Овие цени се однесуваат на автомобили со моќност над 44 киловати (КВ) и за товарните возила. Премијата за осигурување за возилата со моќност до 44 киловати останува иста.
Според новиот ценовник, сопствениците на возила со моќност од 44 до 55 КВ, наместо досегашните 5 453 денари, отсега ќе плаќаат 6 292 денари. Оние со возила со мотор од 55 до 65 КВ, наместо 6 166 денари треба да платат 7 116 денари, за возилата со мотор од 66 до 84 КВ наместо досегашните 7 133 денари цената за осигурителна полиса сега изнесува 8 233 денари, а од 8 510 денари на 9 821 денари е поскапено осигурувањето за возилата со мотор од 84 до 110 КВ. Осигурувањето за возилата со мотор над 110 КВ сега ќе биде 11 879 денари, наместо досегашните 10 294 денари.
Со ваквите промени на цените се менуваат и доплатоците за полисата за автоодговорност. Триесет отсто останува доплатокот за такси-возила, но висината се зголемува, со оглед на зголемената цена. Истото важи и за доплатоците за рентакар-возила, за возила кои имаат над пет седишта, возила кои се товарни, како и доплаток за осигуреникот кој се пресметува според возраста на оној на чие име гласи полисата.
Информацијата за покачување на цените осигурителните компании ја добиле во понеделникот од Националното биро за осигурување. Во информацијата било наведено дека новите цени треба да се применуваат од четврток (25 април).
Од осигурителните компании велат дека зголемувањето на цената е оправдано, со оглед дека цената на автоделовите се поскапени.
Осигурувањето од автомобилска одговорност е задолжително осигурување согласно Законот за задолжително осигурување во сообраќајот. Со ова осигурување се покрива одговорноста на сопственикот за штети причинети на трети лица кои за последица може да имаат смрт, повреда, нарушување на здравјето, оштетување и уништување предмети. Цената за осигурувањето од автоодговорноста ја утврдува Комисија за автоодговорност при Владата. Владата носи одлука за висината на минималната и максималната техничка премија.
АСО: Неоправдано е зголемувањето на цената на полисите
Зголемувањето на цената на полисите за задолжително автомобилско осигурување, од Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) го оценија како неоправдан чекор на осигурителните компании.
„По добиените известувања од осигурителните компании дека ќе ја зголемат цената, направени се актуарски пресметки за проверка. По извршените актуарски пресметки, утврдено е дека зголемувањето на цената, со дадените образложенија, не е оправдано“,
се наведува во соопштението од АСО.
Поради тоа, како што се нагласува во соопштението, АСО доставила предлог до Министерството за финансии, во рамки на неговите законски надлежности, да иницира изготвување и донесување нова тарифа на премии за задолжително осигурување од автомобилска одговорност.
„И со тоа да го ограничи износот на режискиот додаток што ќе овозможи намалување на цената на полисите за задолжително осигурување од автомобилска одговорност“,
се додава во соопштението.