Алијансата соопшти дека го засилува своето „предупредувачко“ присуство во регионот на Балтичкото Море. Неколку земји членки на воената алијанса, која има 30 членки, понудија војници и опрема
НАТО соопшти дека става дополнителни сили на располагање и испраќа повеќе бродови и борбени авиони во Источна Европа, додека Русија продолжува да собира војници во близина на Украина.
Алијансата соопшти дека го засилува своето „предупредувачко“ присуство во регионот на Балтичкото Море. Неколку земји членки на воената алијанса, која има 30 членки, понудија војници и опрема.
„НАТО ќе продолжи да ги презема сите неопходни мерки за заштита и одбрана на своите сојузници, вклучително и со зајакнување на источниот дел на Алијансата. „Секогаш ќе одговориме на секое влошување на нашата безбедносна средина, вклучително и со зајакнување на нашата колективна одбрана“,
се вели во соопштението на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Данска испраќа фрегата во Балтичкото Море, а борбени авиони Ф-16 во Литванија. Шпанија испраќа бродови за да им се придружи на поморските сили на НАТО и размислува да испрати борбени авиони во Бугарија. Франција е подготвена да испрати војници во Бугарија, соопшти Алијансата.
Министрите за надворешни работи на ЕУ на состанокот се обидуваат да покажат дополнителна решителност да ја поддржат Украина, додека Ирска предупреди дека новите руски воени вежби надвор од нејзиниот брег не се добредојдени, со оглед на тензиите околу можните намери на рускиот претседател Владимир Путин да ја нападне Украина.
„Сите членки на Европската унија се обединети. Покажуваме невидено единство околу ситуацијата во Украина со строга координација со САД“,
изјави министерот за надворешни работи на ЕУ, Жозеп Борел, за новинарите во Брисел.
Ирскиот министер за надворешни работи Сајмон Ковени при пристигнувањето во Брисел на средбата рече дека ќе ги информира своите колеги дека Русија планира да одржи воени вежби на 240 километри од југозападниот брег на Ирска, во меѓународни води, но и во близина на ексклузивната економска зона на земјата.
„Немаме моќ да го спречиме тоа, но секако јасно му ставивме до знаење на рускиот амбасадор во Ирска дека ова не е добредојдено. Не е време за зголемување на воената активност и тензиите во контекст на она што се случува во и во Украина“,
изјави ирскиот министер.
Кремљ пак, ги обвини НАТО и САД за ескалација на тензиите со одлуката да испратат дополнителни воени бродови и авиони во Источна Европа поради стравувањата на Западот од руски напад врз Украина.
„Тензиите се зголемени со најавите и конкретните активности на САД и НАТО“,
изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, по повод распоредувањето на новите сили на Алијансата во Источна Европа.
Тој, исто така, оцени дека ризикот од офанзивата на Киев против проруските сепаратисти во источна Украина е „многу висок“.
Украинскиот министер за одбрана, Олексеј Резников синоќа соопшти дека пристигнала втората пратка оружје од САД како дел од одбранбената помош од 200 милиони долари.
САД синоќа соопштија дека наредиле враќање на членовите на семејствата на вработените во Амбасадата во Украина, и ги повика сите американски граѓани да размислат за заминување поради заканата од руска воена акција.
Американскиот Стејт департмент соопшти дека одобрил „доброволното заминување на американските државни службеници и наредил заминување на членовите на нивните семејства од Амбасадата во Киев поради континуираната закана од руска воена акција“, но нема да организира евакуација.
ЕУ нема намера да ги евакуира семејствата на своите дипломати од Украина бидејќи не гледа причина за тоа и очекува објаснување од САД за потегот, изјави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел.
Бугарскиот премиер Кирил Петков за утре го свика Советот за безбедност, кој работи како тело на владата. Средбата ќе се одржи по завршувањето на заедничката седница на владите на Бугарија и Северна Македонија, соопшти владината прес-служба.
Членовите на Советот за безбедност ќе разговараат за тензиите околу Украина и плановите на сојузниците на НАТО за зајакнување на источното крило на Алијансата.