Официјални лица предупредуваат дека точниот број на загинати ќе остане нејасен додека не биде безбедно за истражителите да пристапат до погодените населби
Бројот на загинати во шумските пожари во Лос Анџелес се искачи на најмалку 10 лица, јави Одделот за медицинско испитување, според добиените извештаи до четвртокот навечер.

Медицинските лица во округот на Лос Анџелес, кои ги цитира Си-ен-ен, соопштија дека идентификацијата на загинатите е сè уште во тек, а оти во тек е и процесот за известување на најблиските на починатите.
„Идентификацијата може да потрае неколку недели бидејќи Одделот не е во можност да одговори на сите локации каде што има починати поради условите со пожарот и загриженоста за безбедноста“,
соопшти Одделот за медицинско испитување во Лос Анџелес во четвртокот навечер.
Официјални лица предупредуваат дека точниот број на загинати ќе остане нејасен додека не биде безбедно за истражителите да пристапат до погодените населби.
Од почетокот на пожарите се уништени цели населби, речиси 10 000 згради изгореа, а околу 180 илјади жители се под наредба за евакуација. Материјалната штета се проценува на 150 милијарди долари.
Најмалку шест пожари моментално беснеат во Лос Анџелес и во соседниот округ Вентура. Најголемиот пожар е во Пацифик Палисадес, елитно предградие на Лос Анџелес.
Во некои области на Лос Анџелес е планиран ноќен полициски час поради извештаите за кражби.