Изборот на најповолна понуда не значи и дека веднаш ќе се потпише договор. Во моментов тече рокот за жалби до Државната комисија за жалби по јавни набавки. Компанијата „Еуроимпекс“ се жалеше уште во фазата на прибирање понуди, но жалбата во меѓувреме е повлечена. Жалба најавуваше филијалата на бугарската компанија „Екселор“
На тендерот за набавка на 100 амбулантни возила на Министерството за здравство се пријавија само две компани. Покрај „Аутомотив груп“, која е увозник на „Рено“, „Нисан“ и „Дачиа“, понуда поднесе единствено уште електромеханичарскиот дуќан „А.Ц.Е. Цветко Гоговски“, фирма која не е познато дека увезува возила, туку се занимава со инсталација на клими и надградби на комерцијални возила
Министерството за здравство ја избра за најповолна понудата на „Аутомотив груп“ по јавната набавка на 100 амбулантни возила. Одлуката, според системот на Бирото за јавни набавки, е донесена на 16 јуни годинава.
Во одлуките во оваа фаза не се соопштуваат други детали. Но, бидејќи „360 степени“ беше на јавното отворање на понудите, познато е дека „Аутомотив груп“ понуди цена од 390 595 000 денари, што значи 6 351 138 денари по возило, односно 63 511 евра.
Покрај „Аутомотив груп“, инаку фирма во сопственост на семејството Каленикови и долгогодишен увозник на брендовите „Рено“, „Нисан“ и „Дачиа“, единствен друг понудувач беше Занаетчија електромеханичарски дуќан „А.Ц.Е. Цветко Гоговски“. Од нивната доставена понуда не беше до крај јасно колку изнесува понудата по возило бидејќи во графата за вкупна понуда имаа внесено невообичаено ниска сума од 4 451 700 денари, односно 72 385 евра. Дуќанот, според нивните профили на социјалните медиуми, не увезува возила, но врши преработки на специјални возила, вклучително и амбулантни.

Изборот на најповолна понуда, сепак, не значи и дека веднаш ќе се потпише договор. Во моментов тече рокот за жалби до Државната комисија за жалби по јавни набавки. Увозникот на „Пежо“ и „Опел“ – „Еуроимпекс“ поднесе жалба уште пред истекот на рокот за поднесување понуди, но на 8 јуни ја повлекол жалбата. Жалба по изборот на најповолна понуда најави и домашната филијала на бугарската компанија „Екселор“, која има искуство со пренамена и надградба на специјални возила.
Фирмите кои јавно ги комуницираа забелешките тврдеа дека условите во тендерот се скроени за да ја ограничат конкуренцијата. Првенствено, максималната големина на моторот од 2 000 кубни сантиметри ги исклучи од игра поголемиот дел од увозниците на комерцијални возила во земјава. Потоа, во медицинската опрема, се бара преносен дефибрилатор чија батерија не смее да биде потешка од 0,5 кг. Според една од заинтересираните фирми, во земјава е регистриран само еден таков производ во МАЛМЕД (регистрација е услов во тендерот), а фирмата која го увезува не им одговорила на барањата за понуда.

