На тендерот на Министерството за здравство за набавка на 100 амбулантни возила, проценет на 7,5 милиони евра, се бара зафатнината на моторот да биде максимум 2 000 кубни сантиметри што во старт ја ограничува конкуренцијата
Од Здравство одговараат дека станува збор за „внимателно избран баланс помеѓу перформанси и економичност”, но увозникот на „Опел“ и „Пежо“ вели дека „техничката спецификација е елиминирачка и исклучува учество на голем број на моделите на водечките европски брендови”
По многу најави, огласот за најголемата јавна набавка за здравствениот возен парк беше објавен минатата недела. Рокот за доставување понуди, за договорот проценет на околу 7,5 милиони евра, е до 26 мај. А, за се добие тендерот, Министерството за здравство наведува дека критериум ќе биде најниската цена. Но, техничката спецификација која се бара да ја исполнат возилата, упатува на заклучок дека огласот, кој би требало да е компетитивен, всушност ја ограничува конкуренцијата, а со тоа го стеснува и просторот оваа набавка да ги чини граѓаните што е можно помалку.
Конкретно, се бараат дизел возила со зафатнина на моторот од максимум 2000 кубни сантиметри. Ова во старт води кон стеснување на конкуренцијата, со оглед на тоа што дел од добавувачите во земјава нудат возила што можат да бидат амбулантни, но се со поголема зафатнина на моторот од 2000 кубици. Нејасно е зошто е наведен критериум со максимална зафатнина, а не минимална, или не е наведен опсег на зафатнината – од-до, како во некои претходни сродни повици. Притоа, кога се чита техничката спецификација, впечатливо е дека за сите останати параметри, како на пример, должина, ширина, висина, врати, седишта итн., наведени се минимални карактеристики што треба да се обезбедат, за разлика од критериумот – максимална зафатнина на моторот.
Во очи паѓа и барањето возилата да имаат резервно тркало од 16 инчи, без да се наведе какви треба да бидат основните тркала, што повторно упатува на исклучувачки критериум.

Затоа, прашавме во ресорното министерство, зошто е важно моторот на амбулантните возила да биде до 2 000 кубици и зошто, меѓу другото, се бара резевното тркало да е 16 инчи, а нема предвидени параметри за основните тркала? Еве го одговорот оттаму:
Барањето за мотор со зафатнина до 2.000 cm³ не е случајно поставено. Станува збор за внимателно избран баланс помеѓу перформанси и економичност. Амбулантните возила секојдневно функционираат во сложени услови – носат тежок товар, се движат низ урбани средини со чести запирања и мора да реагираат брзо и сигурно. Современите мотори од оваа класа, особено дизел турбо варијантите, обезбедуваат доволна моќност и вртежен момент за вакви услови, без притоа да создаваат непотребни трошоци за гориво и одржување. Во услови кога возилата поминуваат илјадници километри годишно, оваа разлика е суштинска за рационално управување со јавните средства.
Од Здравство додаваат дека „вака дефинираниот услов им обезбедува на сите економски оператори еднаков пристап и во никој случај не ја попречуваат пазарната конкуренција“, зашто, како што велат, голем број понудувачи можат да го исполнат условот. Во однос на барањето за резервното тркало велат:
Кога се дефинира дека резервното тркало е 16 инчи, тоа подразбира дека целокупниот систем на тркала е усогласен на исти димензии. Ова не е формален пропуст, туку практично решение кое обезбедува компатибилност, побрза замена на терен и поедноставно одржување, особено во итни ситуации кога секоја минута е важна, што всушност е и намената на овие возила.

Од Здравство бараат во возилата да се вгради и конкретна медицинска опрема, како пренослив дефибрилатор, аспиратор, политрауматско носило и серија други елементи. Со оглед на обемната техничка спецификација, пративме унифицирани прашања до повеќе увозници на комерцијални возила, како „Цитроен“, „Фиат“, „Порше“, „Рено“,„Форд“, „Мерцедес“, „Опел“ и Пежо“. Нè интересираше нивното мислење за тоа дали огласот ја охрабрува или ограничува конкуренцијата и дали имаат забелешки за техничката спецификација. Ни одговорија единствено „Еуроимпекс“, односно увозникот на „Опел“ и „Пежо“, кои и досега учествале на повеќе државни тендери. И тие посочуваат на исклучувачки критериуми.
„За жал, техничката спецификација е елиминирачка и исклучува учество на голем број на моделите на водечките европски брендови, затоа што во техничката спецификација се бара зафатнина на моторот од максимум 2 000 cm3 и моќност на моторот – минимум 110 KW… Од наша страна ќе се достави барања за промена на техничката спецификација до договорниот орган. Се надеваме дека договорниот орган ќе ги прифати предложените барања, со што ќе овозможи учество на повеќе економски оператори и притоа ќе обезбеди пазарна конкуренција, согласно начелата од Законот за јавни набавки“,
велат од „Еуроимпекс“.
Иако е најголема, ова не е прва јавна набавка на амбулантни возила што ја спроведува Министерството за здравство. Но, сите не завршија „славно“. На пример, последниот тендер на Здравство од 2024 година за набавка на 22 амбулантни возила пропадна. Тогаш формално, причината за поништување беше дека поради непредвидени и објективни околности, се промениле потребите на договорниот орган. Епилогот следуваше по серијата стории на „360 степени“ за спорните и нелогични моменти во оваа јавна набавка. Само неколку месеци претходно, возила за скопската Итна помош купи Делегацијата на ЕУ по цена од 63 400 евра за парче, а на тендерот се пријавија седум фирми. На огласот на Министерството за здравство, пак, кој на крај беше поништен, се пријавија само две фирми. Пониската понуда од 70 000 евра по возило беше дисквалификувана, па за најдобра беше избрана онаа со цена од 90 000 евра по возило. Или, безмалку исти возила, ЕУ ги купи за 63 400 евра, а Здравство избра понуда од драматично повисоки 90 000 евра по возило.
Кога Делегацијата на ЕУ во земјава го правела тендерот за амбулантни возила за скопската Итна помош, се обратила во Министерството за здравство. Прашала какви точно возила и опрема се потребни за локалните служби. Добила одговор во делот на техничките спецификации, но на крај решила и да ги смени условите во некои точки.
Какви се тие мали разлики? На пример, и на тендерот на ЕУ и на тендерот на Здравство се барало возилата да имаат исто меѓуосовинско растојание од 3450 милиметри. Но, во тендерот на ЕУ има неколку сантиметри поголема толеранција кога е во прашање должината, ширината и висината на возилото.

Пред да пропадне, тендерот за возилата од 2024 го привлече вниманието и на Антикорупциската комисија, која одлучи да отвори предмет.
Ако актуелниот тендер се спореди со оној на ЕУ од 2024 година, повторно се гледа разлика. ЕУ во техничката спецификација барала моторoт на амбулантните возила да биде од минимални 2 100 до максимални 3 500 кубици, наспроти актуелниот тендер на Здравство во кој се инсистира на максимална кубикажа од 2 000.
Имајќи го предвид претходното искуство, кога Делегацијата на ЕУ со пофлексибилни критериуми обезбеди поголема конкуренција, прашавме во Министерството за здравство – зошто не се водат од принципот на добри практики и не го следат пристапот од тендерот на ЕУ?
„Техничката спецификација е изготвена во согласност со одредбите од Законот за јавни набавки, при што се почитувани принципите на транспарентност, недискриминација и обезбедување реална конкуренција… Со ваквиот пристап се постигнува двојна цел: од една страна се обезбедува висок квалитет и сигурност во функционирањето, а од друга страна се создаваат услови за фер и отворена пазарна конкуренција“,
ни одговорија од ресорното министерство.
Независно од тендерот на ЕУ, уште поназад, кога во 2011 година Министерството за здравство набавувало возила за итната медицинска помош, критериумот бил зафатнината на моторот да биде од 1800 до 2300 кубни сантиметри. Оттогаш се поминати 15 години, но дилемите за начинот на кој се спроведуваат јавните набавки кај нас, особено милионските, остануваат.
