Како што наведе портпаролката и членка на ИО на СДСМ, нови сознанија за скапите меѓународни договори за кинески кредити што ги земала владата на Орбан излегуваат на површина, по неговиот пораз на неодамнешните парламентарни избори во Унгарија и победата на лидерот на партијата Тиса, Петер Маѓар кој, како иден премиер, најави, меѓу другото, и преиспитување на кредитните договори на неговиот претходник со Кина
Опозицискиот Социјалдемократскиот сојуз на Македнија (СДСМ) денеска повторно го отвори прашањето дали половината милијарда евра што актуелната македонска Влада пред речиси две години ги зеде како кредит од Унгарија, се пари кои владата во Будимпешта претходно истата 2024 година, ги позајмила од Кина.

Портпаролката и членка на Извршниот одбор на СДСМ, Богданка Кузеска на прес-конфренција побара од Јавното обвинителство да отвори истрага за, како што кажа, скапите и нетранспратетни договори што Владата на премиерот Христијан Мицкоски ги склучи со владата на унгарскиот премиер во заминување, Виктор Орбан, и да истражи дали зад нив стојат скреини коруптивни врски и тајни бизниси.
Како што наведе Кузеска, новите сознанија за скапите меѓународни договори за кинески кредити што ги земала владата на Орбан излегуваат на површина, по неговиот пораз на неодамнешните парламентарни избори во Унгарија и победата на лидерот на партијата Тиса, Петер Маѓар кој, како иден премиер, најави, меѓу другото, и преиспитување на кредитните договори на неговиот претходник со Кина.
„Со падот на пријателот на (Христијан) Мицкоски и негов заштитник, Виктор Орбан, започнува разоткривањето на бизнис мрежата која ќе ја видат и граѓаните на Македонија. Освен бизнисите и релациите на Орбан новиот унгарски премиер Петер Маѓар најави преиспитување и на скапите меѓународни договори за кинеските кредити. Тоа директно ја засега и Македонија и македонските граѓани. Мицкоски и целата ВМРО-ОКГ се најблиските Орбанови партнери и пријатели на Балканот. Еден од тие скапи и нетранспарентни договори склучи Владата на Мицкоски со владата на Орбан со кој што ги задолжи граѓаните (на Македонија) за една милијарда евра“, рече Кузеска на денешната прес-конференција.
Таа се повика на вчерашен напис на „Блумберг“, кој во самиот наслов наведува дека Унгарија објавила претходно необјавени детали за заем од една милијарда евра што владата на Виктор Орбан го земала од Кина во 2024 година.
Истата година, потсети Кузеска, македонската Влада предводена од Мицкоски го зеде кредитот од Унгарија.
Во дел од текстот, што објави СДСМ, се вели дека досега властите во Будимпешта одбивале да откријат детали за заемот од Кина, повикувајќи се на безбедосни банкарски правила.
„Парите Унгарија ги земала од Кина истата 2024 година од China Development Bank, Export-Import Bank of China и унгарската филијала на Bank of China. Новите информации излегуваат по изборниот пораз на Орбан. Се криеле трошоци, камати, еднократни трошоци. Исто како во Македонија. Имаше скриени трошоци кои владата никогаш не ги соопшти. Над еден милиони евра беа префрлени за договорни услуги, но никогаш не се дозна дали се за банкарски провизии или за консултантски услуги. И се уште не се знае каде завршија овие пари. Освен дека ќе мора да ги вратат граѓаните“, рече портпаролката и членка на ИО на СДСМ.
Таа порача дека и во Македонија мора да има истрага дали парите од Унгарија се од Кина.
„Сè што (Петер) Маѓар сега разоткрива во Унгарија – перење пари, контрола на медиуми, тајни бизниси, корупција, директно се пресликува и во Македонија. Затоа СДСМ го повикува Јавното обвинителство веднаш да отвори истрага и сè да се истражи“, рече Кузеска.
За потсетување, заемот беше договорен кон средината на јули годинава од страна на премиерот Христијан Мицкоски и тогашниот негов унгарски колега Виктор Орбан за време на нивната средба на маргините на Самитот на НАТО во Вашингтон.
Договорот беше официјализиран на почетокот на октомври, истата година, откако претходно Собранието го усвои Законот со кој Македонија се задолжи за 500 милиони евра од Унгарската експорт-импорт банка.
Еден месец пред потпиштувањето на договорот, истражувачкиот портал „Ви-сквер“ (VSquare) со седиште во Будимпешта, објави дека Унгарија е во улога на параван на Кина во давањето заем од 500 милиони евра за Северна Македонија.
Во статијата конкретно се спомнуваше кредитот од една милијарда евра што пролетта 2024 година официјална Будимпешта го зела од три кинески банки – податок што не беше јавно објавен од унгарската влада – но како информација подоцна се најде на веб-страницата на унгарската владина агенција за јавен долг.
При посетата на Северна Македонија на 27 септември 2024 г. тогашниот унгарски премиер Виктор Орбан одговарајќи на новинарско прашање рече дека парите што ќе и бидат дадени на земјава се европски, а не кинески.
