Од МВР велат дека по целосното документирање на настанот, против охриѓанецот ќе биде поднесена кривична пријава за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и распрскувачки материи, според член 396 од Кривичниот законик (КЗ)
Екипа на криминалистичката полиција при Секторот за внатрешни работи (СВР) Охрид вчера напладне лишила од слобода 37-годишен жител на градот, откако при претрес во неговиот дом нашле неколку парчиња оружје и муниција, кои ги поседувал нелегално.

Како што соопштија денеска од Министерството за внатрешни работи (МВР), претресот бил извршен со судска наредба, а при кој се пронајдени револвер, пушки, рачни бомби, куршуми од различен калибар и барут.
„На 17.06.2026 во 12:00 часот, полициски службеници од криминалистичката полиција при СВР Охрид го лишија од слобода Д.А.(37) од Охрид. При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, пронајдени и одземени се еден револвер, две пушки, три рачни бомби, 22 куршуми различен калибар и две најлонски кеси со барут кои нелегално ги поседувал“,
се вели во соопштението на МВР.
Оттаму додаваат дека по целосното документирање на настанот, против охриѓанецот ќе биде поднесена кривична пријава за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и распрскувачки материи, според член 396 од Кривичниот законик (КЗ).
