По Оливер Спасовски, денеска и Љупчо Николовски отфрла можност да седне во премиерската фотелја. Досега никој од СДСМ не изразува јавно амбиции да биде кандидат за лидер, а потоа веројатно и мандатар, иако еден од најспоменуваните е Димитар Ковачевски
Во пресрет на утрешните состаноци на Централниот и на Извршниот одбор на СДСМ, од дел од најблиските соработници на премиерот Зоран Заев, кои се на високи позиции во централната власт, но и во партиското раководство, стигаат пораки дека не се гледаат како негови наследници.
Актуелниот генерален секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, кој доби вицепремиерско место за борба против корупцијата во актуелната влада на Заев, поради што и се менуваше партискиот Статут, а на локалните избори беше и шеф на изборниот штаб на социјалдемократите, денеска ја отфрли можноста да седне во премиерската фотелја.
„Не се гледам и нема да бидам еден од кандидатите“,
одговори Николовски на прашањето дали се гледа како наследник на Заев на премиерската функција.
Ако утре, како што е најавено, се ефектуира оставка на партискиот лидер, Николовски вели дека изборот на нов ќе се одвива низ транспарентна процедура.
„Утрешните закажани состаноци во СДСМ предизвикуваат внимание. Се работи за најголемата политичка партија и организација која е демократска и модерна, во којашто и пред неколку месеци имаше непосреден избор за претседател на партијата, имаше само еден кандидат. И доколку сега се одлучи да се отворат истите постапки ќе имаме целосно отворена, транспарентна, демократска постапка којашто во ниту една политичка партија ја нема и каде што секој кој ги исполнува условите ќе може да се кандидира“,
вели Николовски.
И потпретседателот на СДСМ и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој исто така важи за еден од најблиските соработници на Заев, денеска во гостувањето на „Утрински брифинг“ рече дека во моментов не размислува да се кандидира за претседател на партијата.
„Не размислувам на тоа во овој момент воопшто“,
дециден беше Спасовски, кој смета и дека Заев треба да остане и во партијата и во владата бидејќи, според него, тој е сврзно ткиво.
Кој би бил идниот лидер, пак, денеска не сакаше да коментира и Мила Царовска, која заедно со Спасовски е на едно од потпретседателските места во СДСМ.
„Сметам дека ниту е моја надлежност да го кажувам ниту сметам дека треба да се шпекулира. Сите ние заеднички треба да ги следиме овие процеси затоа што тие ниту се наивни и треба сериозно да се разгледуваат затоа што иднината и курсот на државата и развојот нејзин зависат од тие одлуки“,
изјави Царовска.
Според неа, треба да се почитува одлуката на Заев да си поднесе оставка, но нагласува дека она што е важно е што ќе се случува со мнозинството во Собранието.
„Некои одлуки во дадени моменти покажуваат ширина, а таква е и одлуката на Заев. И тоа е таа одлука. Тој го кажа својот став и тоа е негов став и треба да се почитува. Навистина е многу значајно што е тоа што понатаму ќе се случува, во Собранието да се обезбеди соодветно мнозинство за да се задржи западноевропскиот курс на државата, да се задржат демократските процеси и, секако, развојот кој интензивно ни се случува во последните пет години, и економскиот, и општествениот развој“,
рече Царовска која не сакаше да шпекулира ниту за прашањето дали Алтернатива ќе влезе во владиното мнозинство.
Заев на чело на СДСМ дојде во 2013 година. Доколку утре се официјализира неговата оставка пред партиските органи, како што тој најави во петокот, тогаш социјалдемократите ќе треба да започнат постапка за избор за нов лидер. Наследникот, исто како што беше случај и со реизборот на Заев во март годинава, ќе се избира на непосредни внатрепартиски избори, односно со гласање од страна на целото членство.
Досега никој од СДСМ не изразува јавно амбиции да биде кандидат за лидер, а потоа веројатно и мандатар. Но, еден од најспоменуваните е актуелниот заменик-министер за финансии Димитар Ковачевски. Тој во петокот го придружуваше Заев на средбата со лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, што во јавноста беше протолкувано како сигнал дека тој е потенцијалниот кандидат кој би застанал на чело на СДСМ и би ја предводел Владата.