Министерот и потпретседател на СДСМ вели дека во моментов не размислува да се кандидира за претседател на партијата и според него нема да има многу кандидати за иден лидер
Потпретседателот на СДСМ и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски вели дека најдобро е актуелниот премиер и лидер на социјалдемократите да остане и во Владата и во партијата бидејќи, според него, тој е сврзното ткиво.
„Најдобро е Заев да биде тука, и во Владата и во партијата, но поради моралната поставеност не знам дали е тоа возможно. Одлуката не треба да се носи врз тоа дека на некого му е преседнато. Нападите се основани или неосновани, но тоа не треба да биде причина за заминување. Прашањето за Заев што тој е сврзното ткиво. Една ваква сериозна коалиција со јасни стратешки цели кон евроинтеграции, со концепт ’едно општество за сите‘ има потреба од Заев. Тој ги обединува структурите и во партијата и во коалицијата“,
изјави Спасовски во гостувањето на „Утрински брифинг“.
Во пресрет на утрешната седница на Извршниот и Централниот одбор на СДСМ, Спасовски рече дека ќе се разговара и за изборот на нов лидер на партијата откако ќе бидат разгледани претходните заклучоци. Тој кажа и дека во моментов не размислува да се кандидира за претседател на партијата и според него нема да има многу кандидати за иден лидер.
„Не очекувам многу кандидати за лидер. Секако низ еден ваков демократски процес, кога секој член ќе одлучува кој ќе биде нов претседател на партијата, секој има право со свој концепт и своја визија да учествува на изборите за претседател“,
рече Спасовски.