Неидентификуваниот летечки објект што денеска беше соборен над езерото Хјурон е трет ваков објект соборен од страна на американските борбени сили во рок од една недела. Минатиот викенд САД соборија кинески балон над територијалните води кај Јужна Каролина, но засега нема индикации дека неидентификуваните објекти имаат каква било поврзаност со кинескиот надзорен балон
Со американски борбен авион Ф-16 денеска е соборен третиот по ред неидентификуван летечки објект што се појавува во северноамериканскиот воздушен простор изминатава недела.
Објектот е соборен во близина на езерото Хјурон.
BREAKING:
— Visegrád 24 (@visegrad24) February 12, 2023
The U.S. Air Force has just shot down another UFO flying over Lake Huron. pic.twitter.com/oGQ0h7ROZK
Пентагон потврди дека соборил летечки објект, притоа додавајќи дека тој не е оценет како воена закана, но дека се перципира како закана поради неговите потенцијални способности за надзор.
„Нашиот тим сега ќе работи на пронаоѓање на објектот во обид да дознае повеќе“,
се вели во соопштението на Пентагон.
Пентагон, исто така, рече дека објектот бил истиот што радарот го забележал во саботата над сојузната држава Монтана, што предизвика краткотрајно затворање на воздушниот простор.
„Северноамериканската команда за воздушна одбрана го откри објектот во неделата наутро и одржуваше визуелно и радарско следење. Врз основа на неговата патека на летот и податоците, можеме разумно да го поврземе овој објект со радарскиот сигнал фатен над Монтана“,
се вели во соопштението.
Во неделата американската Управа за цивилно воздухопловство (ФАА) соопшти дека накратко е затворен дел од воздушниот простор над езерото Мичиген поради активности на Министерството за одбрана, но потоа е повторно отворен.
Неидентификуваниот летечки објект што денеска беше соборен над езерото Хјурон е трет ваков објект соборен од страна на американските борбени сили во рок од една недела.
Во саботата таков неидентификуван објект беше соборен над Канада.
Во петокот, пак, неидентификуван објект беше соборен во воздушниот простор на Алјаска.
Минатиот викенд САД соборија кинески балон над нивните територијални води кај Јужна Каролина. Засега нема индикации дека неидентификуваните објекти имаат каква било поврзаност со кинескиот надзорен балон.