Бројот на повредени во шумските пожари во Турција надмина 400 лица, изјави шефот на републичкото Министерство за здравство, Фахретин Коџа. Претходно беше соопштено дека шест лица загинаа, а 185 биле повредени.
„Во моментов имаме 410 лица повредени во пожарите. 400 луѓе се отпуштени од болница, 10 се хоспитализирани”,
напиша Коџа на Твитер.
Локализирани речиси сите шумски пожари, a продолжува да гори во Анталија, Ајдин, Муглу и Османије
Речиси сите 98 шумски пожари во Турција се локализирани, изјави министерот за земјоделство Бекир Пакдемирли. Десет пожари продолжуваат да горат во регионите Анталија, Ајдин, Муглу и Османије.
Во пожарите загинаа шест лица, а предизвикана е голема материјална штета. Изгореа илјадници хектари земјоделско земјиште.
Претходно, турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган прогласи вонредна состојба во областите погодени од пожарите, нагласувајќи дека државата ги мобилизирала сите можни сили за гаснење на огнот и санирање на последиците.
Според експертите, една од главните причини за пожарите во шумските области е високата температура во регионот и силните ветрови кои придонесуваат за ширење на огнот.
Пожар над хотел во Бодрум каде се сместени туристи од БиХ и Србија
Пожар избувнал и во турското летувалиште Бодрум над хотел во кој се сместени туристи од Босна и Херцеговина и од Србија, објави сараевскиот „Аваз“.
Еден од туристите испратил фотографии до овој сараевски портал на кои се гледа густ чад што избил над хотелот „Diamond of Bodrum“, наведувајќи дека туристите се во паника.
Тој навел дека туристите ги подигнале документите и онолку свои работи колку што можеле да земат за кратко време бидејќи пламените јазици се приближувале до хотелот.