На Академијата за драмски уметности во Загреб пристигнале над 20 пријави за сексуално злоупотребување, а еден професор од Филозофскиот факултет бил суспендиран по пријави од студентки, пишува Јутарњи.
Од пет до седум пријави за сексуална злоупотреба дневно пристигнуваат на Академијата за драмски уметности во Загреб, а до денес се вкупно 24. Во петокот бил одржан состанок на работната група што беше формирана по бројните исповеди на нивни поранешни и сегашни студентки.
Повеќето од нив сведоштвата ги споделуваа на Фејсбук на групата „Nisam Trazila“ која беше формирана по јавната исповед на српските актерки Милена Радуловиќ и Ива Илинчиќ дека биле сексуално злоупотребувани од нивниот наставник по глума, Мирослав Мики Алексиќ.
Како што пишува Јутарњи, Академијата за драмски уметности не е единствениот случај каде вакви пријави се разгледуваат. Четири пријави пристигнале и на Филозофскиот факултет во Загреб.
„Откако ги добивме тие пријави, еден од нашите професори е привремено суспендиран од настава и е во фаза на службена суспензија“,
вели Норма Трковник, застапник на студентските права на Филозофскиот факултет во Загреб.
Четири пријави од четири студентки пристигнале и на Ликовната академија, од нив две сè уште студираат на Академијата.
Анонимно за хрватскиот весник изјавиле дека досега никаде не пријавиле за сексуалното насилство, бидејќи стравувале дека тоа ќе влијае на нивниот процес на студирање.
Откако Радуловиќ и Иличиќ јавно прозбореа за страшното искуство со нивниот наставник и режисер Мирослав Мики Алексиќ, се охрабрија и други нивни колешки да прозборуваат. Повеќето пријави во Србија се анонимни, бидејќи меѓу нив има и малолетнички.
Ова преминува во регионално #metoo движење, бидејќи освен во Србија, се активираа случаи и во Босна и Херцеговина, Хрватска и Црна Гора.