Се додава дека преостанатите 396 членови на екипажот биле евакуирани од крстосувачот „Москва“ до блиските бродови на Црноморската флота и испратени во градот Севастопол
Најмалку еден член на екипажот загина, а 27 се водат за исчезнати, откако рускиот воен брод „Москва“ од Црноморската флота потона во Црното Море минатата недела, соопшти руското Министерство за одбрана, а пренесе Си-ен-ен.
Се додава дека преостанатите 396 членови на екипажот биле евакуирани од крстосувачот „Москва“ до блиските бродови на Црноморската флота и испратени во градот Севастопол.
Рускиот воен брод „Москва“ потона минатата недела во Црното Море, откако му претходеше пожар, а за причините за избувнувањето и Русија и Украина дадоа различни објаснувања.
Официјален Киев тогаш соопшти оти до пожарот дошло откако украинските сили ги испукале своите проектили „Нептун“ кон бродот. Русија, пак, тврдеше оти до пожарот дошло откако експлодирала муницијата на бродот.
По потонувањето на бродот, Украина објави дека во нападот на „Москва“ загинал капетанот на бродот Антон Валеријвиќ.
Воениот брод „Москва“ се прослави на почетокот на војната кога украинските бранители на Змискиот Остров ги отфрлија повиците да се предадат, пред тие на крајот да бидат заробени.
Крстосувачот „Москва“ тогаш се приближи до украинскиот Змиски Остров, карпест остров во Црното Море, барајќи од војниците веднаш да се предадат. Но, тие одбија да го сторат тоа, а потоа станаа познати во светската јавност по тоа што еден од нив им порачал на руските војници на бродот: „Одете по ѓаволите!“
Ракетниот крстосувач „Москва“ е конструиран во раните 1980-ти во тогашниот СССР.
Тој е изграден во јужниот украински град Миколаев, кој во последните денови редовно беше гранатиран од руските војници.
Бродот долг 186 метри беше водечки брод од класата „Проект 1164 Атлант“ на советската морнарица. Првично беше наречен „Слава“, но подоцна беше преименуван во „Москва“.
Главното вооружување на воениот брод се ракетите П-1000 „Вулкан“.
Крстосувачот, кој стана предводник на Црноморската флота во 2000 година, одигра клучна улога за време на руската воена кампања во Сирија, која започна во 2015 година.