Србија еднострано ја повлекува одлуката за протерување на црногорскиот амбасадор Тарзан Милошевиќ, која беше донесена откако Црна Гора го прогласи српскиот амбасадор Владимир Божовиќ за персона нон грата и побара од него да ја напушти земјата.
За повлекувањето на одлуката за протерување на црногорскиот амбасадор вечерва соопшти премиерката Ана Брнабиќ, по средбата со претседателот Александар Вучиќ и министерот за надворешни работи Никола Селаковиќ.
“Претседателот Вучиќ ја разбира и поддржува оваа одлука, таа е во согласност со дипломатските протоколи, со Виенската конвенција, ние возвративме со реципрочни мерки. Но, претседателот ни рече дека конвенциите се важни, но животот и нашето пријателство со Црна Гора се поважни “,
рече Брнабиќ.
Брнабиќ потсети дека одлука за протерување на амбасадорот на Црна Гора била донесена во согласност со член 9 од Виенската конвенција за дипломатски односи.
Вучиќ побарал од владините претставници да ја преиспитаат оваа нивна одлука со цел Србија уште еднаш да подаде рака на соработка и пријателство, бидејќи во регионот имаше многу конфликти.
Брнабиќ додаде дека тие, исто така, се консултирале и со претставниците на српскиот народ во Црна Гора, кои ја поддржале промената на одлуката.