Амбасадорот на Србија во Црна Гора, Владимир Божовиќ, е прогласен за персона нон грата и од него е побарано да ја напушти земјата, соопшти Министерството за надворешни работи на Црна Гора, пренесува Вијести.ме.
„По подолго и континуирано мешање во внатрешните работи на Црна Гора, преку однесувањето и изјавите кои се невообичаени и неприфатливи за дипломатските функции, како и по повеќе усни и писмени предупредувања за ваквото однесување, вчера амбасадорот Божовиќ нелегално и нелегитимно го нарече Подгоричкото Собрание од 1918 г. за ‘ослободувачко’ и ‘слободна волја’ на црногорскиот народ. Со тоа, уште еднаш на најдиректен начин ја омаловажи државата која му даде дипломатско гостопримство“,
се вели во соопштението.
Од црногорското МНР велат дека со ваквите изјави, српскиот амбасадор го понижил највисокото законодавно тело во земјата, а тоа е Собранието на Црна Гора.
Црна Гора во 2018 година донесе Резолуција за поништување на одлуката на Подгоричкото собрание, со која беше укинат дотогашниот суверенитет на Црна Гора, а нејзината територија припоена кон Кралството Србија и насилно беше детронизиран кралот Никола Петровиќ Његош.