Според брзата анкета на Институтот „Форс“, 42 проценти од гледачите рекле дека Шолц имал подобар настап, за лидерот на Демохристијаните, Армин Лашет, се изјасниле 27 проценти, а за кандидатката на Зелените, Аналена Бербок, 25 проценти од гледачите
Социјалдемократскиот кандидат за канцелар на Германија, Олаф Шолц, е победник во третото, последно телевизиско соочување пред изборите во Германија, покажа брзата анкета на Институтот Форс кај гледачите.
Според овие податоци, 42 проценти од гледачите рекле дека Шолц имал подобар настап. За лидерот на Демохристијаните, Армин Лашет, се изјасниле 27 проценти, а за кандидатката на Зелените, Аналена Бербок, 25 проценти од гледачите.

Таканаречениот „триел-дуел“ на тројцата кандидати за канцелар се одржа точно една недела пред изборите за Бундестагот, по што Ангела Меркел ќе оди во политичка пензија по шеснаесет години на чело на владата, објави Дојче веле.
За вчерашното соочување, оцената е дека имало помалку вербални судири. Главни теми во дебатата коорганизирана од приватните телевизиски станици Про зибен и Сат 1 беа социјална правда, заштита на климата, ставови кон пандемијата и дигитализација. Практично, воопшто не станало збор за надворешната и безбедносната политика, дури ни за Европската Унија.
Социјалните прашања го покажаа преклопувањето помеѓу програмите на Социјалдемократите и Зелените, а некои коментатори веќе пишуваат дека двете партии „флертуваат“ за коалиција по изборите. Очигледно, за тоа ќе им треба трет партнер, но сѐ уште не е јасно дали тоа би можело да бидат либералите или Левица.
СПД и Зелените се за минимална плата од 12 евра бруто и финансиски придобивки за семејствата, особено оние со деца. Демохристијаните, пак, се против законско зголемување на минималната плата, а Лашет рече дека „не е соодветно“ кога државата се меша во преговорите меѓу синдикатите и работодавачите.
СПД е сѐ уште во водство
Според најновите анкети, СПД има 25-26 проценти од гласовите, додека демохристијаните имаат 21-22. По нив следуваат Зелените (15-16), Либералите и Алтернатива за Германија (по 11) и Левица (6).
Гласањето ќе се одржи следната недела (26 септември), а пет минути по затворањето на избирачките места, во 18:05 часот, ќе бидат познати првите излезни анкети, кои обично се речиси точни.