Во полициската акција уапсени се и две лица и против нив ќе биде поднесена кривична пријава

Повеќе од 40 илјади парчиња пиротехника, тутун и цигари без бандероли запленети се вчера при полициска контрола на Бит-пазар. Од Министерството за внатрешни работи (МВР) велат дека лишени од слобода се и две лица.
„Кај Б.И. (47) од селото Студеничани пронајдени се 11 604 пиротехнички средства, пари, околу 40 килограми тутун и поголема количина цигари без бандероли. Кај С.Н. (48) од Скопје пронајдени се 14 942 парчиња пиротехнички средства и пари“,
се наведува во полициското соопштение.
Лицата, додаваат од МВР, се лишени од слобода и против нив ќе биде поднесена кривична пријава по член 396 од Кривичниот законик.
Исто така, при преглед на импровизирана тезга од МВР велат дека се пронајдени околу 14 илјади пиротехнички средства.
Акцијата, велат од МВР, е изведена по претходно изготвен план од Единицата за недозволена трговија и Единицата за интервентна полиција при Секторот за внатрешни работи Скопје.