Според генералниот секретар на АА, џентлменски е на новата влада да ѝ се дадат сто дена, ама таа, како што вели, ќе се соочи со криза на легитимитет
Опозициската Алијанса за Албанците смета дека треба да ѝ се остават сто дена на новата влада и се залага за осум изборни единици, за разлика од партнерите од ВМРО-ДПМНЕ, кои во последниот период најавуваат прифаќање една изборна единица и пласираат идеи за укинување на пржинската влада, за да не се чекаат сто дена за гласање.
„Тоа е нивни став, но и наш став е дека треба да има предвремени избори, иако сметаме дека треба да им се дадат сто дена. Мислам дека прво оваа влада ќе има криза на легитимитет оти актуелниот премиер никогаш не излегол на избори. Од ДУИ, пак, ветуваа прв премиер Албанец, а излажаа за тоа. Алтернатива заедно со нас излезе на избори и заедно баравме промена на ДУИ, а тие што не гласаа не гласаа Алтернатива да влезе во коалиција со ДУИ. Џентлменски е да ѝ се остават на владата тие сто дена. Нема кохезија ни во самата СДСМ, каде има разни групации кои војуваат меѓу себе“,
вели Арбен Таравари, генерален секретар на Алијанса за Албанците за „Утрински брифинг“.
На забелешка дека, сепак, мнозинството во парламентот го дава легитимитетот, Таравари вели дека новоизбраната влада е, всушност, легална.
„Има разлика меѓу легитимитет и легалност. Оваа влада има легалност. Легитимитет е друга категорија. Според мене, неизбежно е некаде кон септември да се одржат предвремени избори“,
вели Таравари.
Тој оценува дека времето ќе покаже, „а и анкетите велат дека СДСМ е брод што тоне оти внатре се случува раскол“. Според Таравари, ни на ДУИ не и одговараат предвремени парламентарни избори, со оглед на тоа што, како што вели, во најголемите градови каде што живеат Албанци тие ги загубија локалните избори.
На прашање за барањето на помалите партии кои се дел од мнозинството, кои ѝ дадоа рок до 15 април на Владата да го промени изборниот модел во една изборна единица, Таравари вели дека неговата партија начелно е за отворени листи во осум изборни региони или два повеќе од сегашните шест.
„Малите партии, кои имаат три-четири пратеници, исто така, ја условуваат Владата, што може да предизвика криза. Ние начелно сме за отворени листи, но нашиот став е да има осум изборни единици. Нашиот аргумент за тоа е што постојат осум економски развојни региони во Македонија. Ако сакаме демократизација на општеството, тоа треба да почне во партиите и затоа треба да се оди со отворени гласачки листи. Подготвени сме да разговараме и да ги изнесеме своите аргументи. Но се сомневам дека до следните избори ќе дојде до промени“,
вели Таравари за „Утрински брифинг“.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изјави вчера дека час поскоро треба да се случат предвремени парламентарни избори, оценувајќи дека ова парламентарно мнозинство и „владата на ДУИ администрирана од Ковачески“ се одржува на вештачки начин.
Тој најави дека наскоро опозициската партија ќе предложи и активности во насока на што поскоро распишување нови избори.
„Подготвени сме и до парламентот ќе доставиме измени на Изборниот законик, во кои што нема да има техничка влада односно сто дена губење време на граѓаните, туку ќе го користиме оној уставен рок од 45 до 60 дена“,
рече Мицкоски.