Владата на денешната седница донесе Уредба со која во МВР ќе се ангажира целокупниот капацитет, вклучително и полицајците приправници.
Дополнителната заменик-министерка во МВР, Славјанка Петровска, информираше дека станува збор за засилување со околу 600 лица.
„Со Уредбата, приправничкиот испит за полицајците приправници и вработените со статус приправници се смета за положен. На овој начин припадниците на МВР добиваат засилување од 600 припадници кои со целосни овластувања ќе можат да постапуваат. Поддршка за колегите кои во името на сите нас помагаат во борбата со овој вирус. Благодарност до Македонскиот полициски синдикат за предлогот и поддршката сите приправници веднаш да добијат овластувања“,
вели Петровска.
Ваквата Уредба следува откако пред две недели Владата со друга Уредба го скрати траењето на приправничкиот стаж на полицајците приправници кои потпишале договор за вработување со МВР на 1 ноември 2019. Рокот им се скрати од шест на пет месеци, со што се овозможи приправниците да добијат полициски овластување уште од почетокот на овој месец.