Оттаму информираат оти сите капацитети на МВР и шалтерите на управните служби функционираат во полн капацитет и можат да ги услужат граѓаните за смена на возачките дозволи до редовниот рок, без доцнење

До 31 декември трае рокот до кога треба да се заменат возачките дозволи со старото уставно име на државата, потсетуваат од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Во рамките на нивната апел-кампања, од МВР упатуваат повик до граѓаните навреме да ги заменат возачките дозволи, со цел да не се создаваат непотребни турканици.
„Важноста на возачките дозволи со старото уставно име, согласно со промената на законот за безбедност во сообраќајот, е заклучно со 31.12.2024 година. Министерството ги повикува сите граѓани кои се уште имаат возачка дозвола со старото уставно име, да ја обноват својата возачка дозвола, до истекот на рокот, со цел да не се создаваат непотребни турканици“,
се вели во повикот од МВР.
Оттаму информираат оти сите капацитети на МВР и шалтерите на управните служби функционираат во полн капацитет и можат да ги услужат граѓаните за смена на возачките дозволи до редовниот рок, без доцнење.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски минатиот месец рече дека околу 200 илјади граѓани останува да ги променат возачките дозволи со „Република Македонија“ со вакви исправи со новото уставно име.
Со новата машина за печатење на лични документи, што е ставена во функција во МВР, министерот вели дека овие возачки дозволи може да се испечати за не повеќе од 20 дена.
„За 20 дена можеме да ги испечатиме, да ги персонализираме сите возачки дозволи коишто се потребни доколку граѓаните поднесат барање за замена на документите. Ги имаме обезбедено обрасците кои за разлика од претходно ги немаше. Повеќе нема чекање за граѓаните да можат да пристапат до просториите за да се фотографираат и да ја завршат таа работа“,
рече Тошковски.
Министерот посочи и дека доколку на возачките дозволи не им е истечен рокот на важност, нивната замена нема да биде на трошок на граѓаните во делот којшто се исплаќа кон државата за производство на возачката дозвола.