Министерот оцени дека природата на комисиите со Бугарија и Грција е таква да може со мали гестови да се направи сериозна штета по интересот на државата и затоа повика на особена внимателност. Додаде дека се потребни кадровски промени, но не целосни, за, како што рече, да има континуитет од кадровска гледна точка и во двете комисии
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски изрази изненадување и разочарување од однесувањето на претседателот на македонскиот тим од Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања со Бугарија, Драги Ѓоргиев, оценувајќи дека иако ангажиран да врши научна работа, тој себеси се обидува политички да се профилира додека е актуелен претседател на комисијата.
Со тоа, како што додаде Муцунски, се поткопуваат на надворешнополитичките позиции на државата.
„Ние, политичарите и министрите имаме легитимитет од страна на граѓаните да носиме политички одлуки, а научниците имаат обврска да вршат научна работа и искрено сум разочаран од таквиот пристап што го гледам деновиве. Ние имаме обврска да креираме надворешна политика, да ја имплементираме таа политика што сме ја креирале, а тие коишто доаѓаат од научната фела при нивниот ангажман да внимаваат да ја вршата нивната работа поврзана со нивната научна функција за што се ангажирани од државата“,
изјави Муцунски одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција.
Министерот оцени дека природата на комисиите со Бугарија и Грција е таква да може со мали гестови да се направи сериозна штета по интересот на државата и затоа повика на особена внимателност.
Факт е, нагласи Муцунски, дека се потребни одредени кадровски промени, но не целосни, за како што вели, да има континуитет од кадровска гледна точка и во двете комисии.
„Ќе има кадровски промени, како што кажа премиерот, се консултираме меѓусебно за нив. Сметам дека во следните неколку недели ќе има и конечна одлука во однос на кадровските прашања, но тоа што ќе кажам е дека ќе има промени, но ќе има и одреден континуитет и во двете комисии“,
додаде министерот Муцунски.
- Мицкоски: Ѓоргиев самиот себеси се компромитираше коленичејќи пред министерски и премиерски кабинети
Кон крајот на минатиот месец премиерот Христијан Мицкоски најави дека ќе има кадровски промени во Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу С Македонија и Бугарија. Според премиерот, актуелниот состав на Комисијата од македонска страна не ги оправдала очекувањата и не ги штитела националните интереси.