Коментарот на Мицкоски следува по изјавата на претседателот на македонскиот тим од Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања со Бугарија, Драги Ѓоргиев, оти начинот на кој премиерот ги најави кадровските промени во историската комисија од македонска страна е брутално мешање на политиката во нејзиното работење и компромитирање на работата на новите членови
Жалам што тој самиот себеси се компромитираше. Ова е дел од коментарот на премиерот Христијан Мицкоски во врска со последната изјава на претседателот на македонскиот тим од Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања со Бугарија, Драги Ѓоргиев, оти работата во комисијата е компромитирана и партизирана по најавата за менување на нејзиниот состав.
„Господинот Георгиев сум го коментирал многупати во минатото и жалам што тој самиот себе се компромитираше, немаше потреба никој да го компромитира изминативе години коленичејќи пред министерски и премиерски кабинети наместо да си ја гледа работата. Но, тоа е негов избор“,
изјави премиерот одговарајќи на новинарски прашања.
Неговиот коментар следува по интервјуто на Ѓоргиев за порталот „Призма“ во кое оцени дека начинот на кој премиерот ги најави кадровските промени во историската комисија од македонска страна е брутално мешање на политиката во нејзиното работење и компромитирање на работата на новите членови.
Мицкоски додаде дека на денешната владина седница не се разговарало за кадровските решенија во историската комисија, а дека за тоа прашање ќе се разговара на некоја од следните седници.
Кон крајот на минатиот месец премиерот најави дека ќе има кадровски промени во Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу С Македонија и Бугарија. Според премиерот, актуелниот состав на Комисијата од македонска страна не ги оправдала очекувањата и не ги штитела националните интереси.