Министерот упати повик до земјите членки на Европската Унија од југоисточна Европа за уште поактивна поддршка на европската интеграција на регионот, оценувајќи дека е потребен заеднички напор за искористување на актуелната историска можност

Иницијативите за постепена интеграција во Европската Унија може да бидат значајна алатка само доколку претставуваат мост кон полноправното членство, кажа министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, на Дубровник форумот.
„Доколку новиот модел на постепена интеграција претставува мост кон полноправно членство, тогаш ќе биде исклучително корисен. Но, мора да внимаваме да не стане алатка која ќе создаде трајна чекална без врата кон целосно членство“,
рече Муцунски.
Тој нагласи дека иницијативите како СЕПА и Планот за раст веќе покажуваат конкретни придобивки за регионот преку поттикнување на реформите и обезбедување директна финансиска поддршка, оценувајќи дека ваквите механизми можат значително да придонесат за побрза европска интеграција.
Осврнувајќи се на процесот на проширување, Муцунски истакна дека е потребна поголема дисциплина, со појасни стандарди, рокови и исходи, како и покредибилен и попредвидлив пристапен процес.
Во однос на прашањата поврзани со македонскиот идентитет, министерот порача дека не постои „северномакедонски“ народ, „северномакедонски“ јазик или „северномакедонски“ идентитет, туку единствено македонски народ, македонски јазик и македонски идентитет, нагласувајќи дека секој обид за нивно оспорување ќе наиде на соодветен одговор.
Говорејќи за европската интеграција, Муцунски истакна дека државата продолжува да испорачува резултати во спроведувањето на реформите и останува целосно усогласена со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, при што, како што посочи, придонесува и пошироко од формалната усогласеност.
Во однос на билатералните односи со Бугарија, министерот оцени дека со новата легитимна влада во Софија постои можност за разговор за отворените прашања, но и за заедничката европска иднина.
„Нашата намера не е само да ги започнеме пристапните преговори и по неколку месеци повторно да се најдеме во истата ситуација. Нашата цел е да ги започнеме и успешно да ги завршиме врз основа на европското законодавство, Копенхашките и Мадридските критериуми“,
рече Муцунски.

Во завршниот дел од своето обраќање, министерот упати повик до земјите членки на Европската Унија од Југоисточна Европа за уште поактивна поддршка на европската интеграција на регионот, оценувајќи дека е потребен заеднички напор за искористување на актуелната историска можност.
