На социјалната мрежа Икс тој напиша дека предлогот на францускиот претседател Емануел Макрон за постепена интеграција на земјите од Западен Балкан во Европската Унија добил широка поддршка меѓу лидерите на ЕУ
Сепак, германскиот канцелар не соопшти конкретни рокови или детали за следните чекори, но нагласи дека ЕУ има намера да ја продлабочи соработката и интеграцијата со земјите од регионот
Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека Европската Унија планира постепен процес на вклучување на земјите од Западен Балкан во европските структури, со цел нивно поблиско интегрирање и забрзување на патот кон полноправно членство. По Самитот на лидерите на ЕУ и Западен Балкан во Тиват, тој порача дека пораката од состанокот е јасна и недвосмислена.

На социјалната мрежа Икс тој напиша дека предлогот на францускиот претседател Емануел Макрон за постепена интеграција на земјите од Западен Балкан во Европската Унија добил широка поддршка меѓу лидерите на ЕУ.
Според него, со оваа иницијатива се дава нов импулс на процесот на пристапување, особено преку постепено вклучување на земјите од регионот во единствениот европски пазар уште пред нивното полноправно членство.
„Мојот и предлогот на Емануел Макрон наиде на широко одобрување. Внесуваме нов импулс во процесот на пристапување на земјите од Западен Балкан – на пример, преку нивна постепена интеграција во единствениот пазар пред пристапувањето. Денес е добар ден за Европа“,
напиша Мерц на Икс.
Der Vorschlag von @EmmanuelMacron und mir ist auf breite Zustimmung gestoßen. Wir bringen neue Dynamik in den Beitrittsprozess der Staaten des Westbalkans – zum Beispiel durch ihre sukzessive Integration in den Binnenmarkt vor dem Beitritt. Heute ist ein guter Tag für Europa. pic.twitter.com/5pFB5Pz7bS
— Bundeskanzler Friedrich Merz (@bundeskanzler) June 5, 2026
Посочи дека посакуваат наскоро земјите од Западен Балкан да станат членки на ЕУ.
„Јасната порака од денес е и ќе остане: ве сакаме“,
изјави тој, пренесува Ројтерс.
Сепак, германскиот канцелар не соопшти конкретни рокови или детали за следните чекори, но нагласи дека ЕУ има намера да ја продлабочи соработката и интеграцијата со земјите од регионот.
Самитот во Тиват ги собра лидерите на земјите членки на ЕУ и државите од Западен Балкан, при што една од клучните теми беше политиката на проширување и унапредување на меѓусебната соработка.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц денеска од Тиват пред почетокот на Самитот рече дека процесот на проширување во Европската Унија е многу бавен и дека се потребни нови идеи за дополнително охрабрување на земјите од регионот да спроведат реформи. Порача дека Европската Унија мора да покаже дека е способна за понатамошно проширување.
Во пресрет на Самитот, Германија и Франција подготвија нон-пејпер насловен „Нов моментум за проширувањето“, кој претставува своевидна разработка на писмото што германскиот канцелар Фридрих Мерц неодамна го упати до првите луѓе на институциите на ЕУ.
Ако две третини од писмото на Мерц беа посветени на Украина, нон-пејперот се однесува целосно на државите од Западен Балкан и на Молдавија.
Во документот се наведува дека новиот пристап би понудил непосреден и опиплив напредок за сите кандидати, а намерата не е ниту да го замени полноправното членство ниту да го продолжи патот до него, туку да создаде поттикнувања што ќе овозможат побрз напредок по тој пат.
