Презентирајќи ги првите наоди од истрагата, окружниот шериф на Санта Фе, Адан Мендоза, рече дека се сомневаат дека на снимањето имало повеќе вистински куршуми
Неколку правни експерти изјавија дека е малку веројатно Болдвин да биде обвинет
Можно е да биде покренато обвинение за минатонеделното пукање на снимањето на филмот „Rust“ во Ново Мексико, кога актерот Алек Болдвин ја уби директорката на фотографија Халина Хачинс и го рани режисерот на филмот Џоел Суза, соопшти американската полицијата.
„Сите опции се на маса. Никој не е исклучен од кривичен прогон во овој момент“, изјави окружната обвинителка Мери Кармак-Олтвис за можното обвинение“,
пренесува Би-би-си.
Инспекторите соопштија и дека имало „некои пропусти“ кога станува збор за безбедноста за време на снимањето.
Презентирајќи ги првите наоди од истрагата, окружниот шериф на Санта Фе, Адан Мендоза, рече дека се сомневаат дека на снимањето имало повеќе вистински куршуми.
„Утврдуваме како стигнале таму, зошто биле таму, бидејќи тоа не е дозволено“,
рече Мендоза.
Тој додаде дека полицијата досега собрала 600 докази, од кои три огнени оружја и 500 куршуми.
Мендоза изјави дека како доказ е предаден куршумот изваден од рамото на повредениот Суза.
„Мислам дека фактите се јасни – оружјето му е предадено на господинот Болдвин. Оружјето беше функционално и беше испукан вистински куршум, кој ја уби г-ѓа Хачинс и го рани г. Суза“,
рече тој.
Тој додаде дека околу 100 луѓе биле на снимањето на филмот во моментот на инцидентот, кој се случи минатиот четврток.
Тој, исто така, потврди дека две лица, помошникот директор Дејв Халс и одговорната за оружјето Хана Гутереш-Рид, ракувале со пиштол „колт 45“ пред Болдвин да го испука смртоносниот истрел.
Според истражните документи објавени вчера, Халс им рекол на истражителите дека не ги проверил сите куршуми во пиштолот пред да му го предаде на актерот, но дека сметал оти е безбеден.
Гутереш Рид, пак, на истражителите им рекол дека оружјето било обезбедено пред пукањето, но не и муницијата. Таа додала дека оружјето обично се чува во сеф, до кој пристап имаат само неколку луѓе.
„Ќе утврдиме точно како се случило ова и дали требало да знаат дека во оружјето има вистинска муниција“,
изјави шерифот Мендоза.
Ројтерс објави дека Болдвин и продуцентите на филмот најмиле приватна правна канцеларија за да ги истражи околностите на пукањето.
Сепак, неколку правни експерти изјавија дека е малку веројатно Болдвин да биде обвинет.
Актерот, кој е и продуцент на филмот „Rust“, соработува со истражителите и изрази шокираност од, како што рече, „трагичниот инцидент“, што поттикна дебата за безбедносните правила при снимањето во Холивуд и употребата на реквизити.
„Мислам дека до неодамна таа индустрија се сметаше за безбедна. Но, мислам дека има безбедносни прашања што треба да ги решат и холивудската филмска индустрија и државата Ново Мексико“,
изјави шерифот Мендоза за новинарите.