За Њујорк Тајмс тие изразиле загриженост поради инцидентите со оружје и работните услови, само неколку дена пред пукањето во кое загина камерманката Халина Хачинс
Најмалку две случајни пукања се случиле за време на снимањето на новиот филм „Rust“, неколку дена пред трагедијата во која Алек Болдвин ја уби директорката на фотографија Халина Хачинс за време на сетот, тврдат тројца поранешни членови на филмската екипа.
Поранешните членови на тимот велат дека непланираните пукања се случиле на 16 октомври, а за тоа го обвинуваат надзорникот за безбедносната ситуација на сетот кој се снима во предградието на Санта Фе, пишува Њујорк Тајмс.
Како што велат, тие заедно со уште неколку работници дале отказ неколку часа пред кобното пукање, поради тоа што не биле исплатени и поради условите во кои се одвивала продукцијата. Тие побарале да останат анонимни поради страв дека тоа може да влијае на нивниот иден ангажман во филмската индустрија.
Лари Заноф, кој работел како одговорен за оружјето на филмот „Одмаздата на Јанг“ и ги учел членовите на актерската екипа како безбедно да ракуваат со огненото оружје, објаснува дека ако се пукало со огнено оружје на филмски сет, ќе треба да се спроведе истрага за да се утврди дали оружјето е неисправно или лошо е ракувано со него. Доколку се утврди дека со оружјето е погрешно ракувано, продукцијата ќе мора да ги зајакне безбедносните протоколи или да ја забрани употребата на огнено оружје.
Останува нејасно дали ваква истрага била спроведена по 16 октомври, кога се случило непланираното пукање.
Продуцентите, како и самиот Алек Болдвин, во петокот објавија соопштение во кое велат дека не знаеле дека има безбедносни проблеми.
„Иако не бевме запознати дека имало никакви официјални поплаки во врска со безбедноста на оружјето или реквизитите на сетот, ќе спроведеме внатрешна проценка на протоколот, а снимањето е прекинато“,
соопшти компанијата, додавајќи дека ќе продолжи да работи со властите во Санта Фе, како и нудење психолошка помош на актерите и членовите на тимот во ова „тешко време“.
Останува нејасно како Алек Болдвин на сетот користел пиштол кој не бил безбеден. Како што ѝ било кажано на полицијата во Санта Фе, на Болдвин му било кажано дека оружјето што му било дадено на сетот е „ладен пиштол“, што во филмски жаргон значи оружје што е испразнето.
Во соопштението понатаму се наведува дека оружјето го наполнила Хана Гутереш, а му го предал Дејв Халс, помошникот директор. Ниту Гутиереш, ниту Халс не сакале да дадат изјава.