Полскиот премиер, Матеуш Моравјецки денеска пред парламентот изјавил дека Полска не може да ја исклучи можноста дека инцидентот во кој проектил падна на територијата на земјата е резултат на провокација од руска страна, пренесува Гардијан.
„Не можеме да исклучиме дека гранатирањето на украинската инфраструктура во близина на границата (меѓу Украина и Полска н.з.) е намерна провокација направена со надеж дека може да дојде до ваква ситуација“,
рекол полскиот премиер.
Претходно денеска, зборувајќи пред медиумите, полскиот претседател Анджеј Дуда рече дека проектилот што паднал врз неговата земја „веројатно бил користен од украинската воздушна одбрана“.
Дуда рече дека Полска сè уште ја анализира можноста за активирање на постапката на член 4 на НАТО, но се чини дека можеби нема да биде неопходно да се користи мерката. Тој рече дека нема индикации дека ракетната експлозија во Полска во која загинаа две лица е „намерен напад“, опишувајќи ја како најверојатно несреќа.
Американскиот претседател Џо Бајден исто така рече дека е „неверојатно“ Русија да ја истрела ракетата, но додаде: „Ќе видиме“.
Во Брисел денеска се одржа итен состанок на амбасадорите на НАТО со кој претседаваше генералниот секретар Јенс Столтенберг. Состанокот беше организиран на барање на Полска, која се повика на член 4 од договорот за НАТО, откако две лица загинаа во експлозија во Пржеводов, село во источна Полска во близина на границата со Украина.
„Истрагата за настанот е во тек, но немаме индиции дека станува збор за намерен напад или дека Русија подготвува воени акции против НАТО“, рече Столтенберг.
Русија негираше било каква вмешаност во инцидентот со падот на проектилот на територијата на Полска во кој загинаа две лица.